Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Битиќи: Заврши времето кога во кафани се продолжуваше рокот, автопатот Кичево-Охрид има рок до 31. декември, ако се пробие, некој ќе сноси сериозна одговорност

Скопје, 7. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Сите изведувачи на патниот правец Кичево-Охрид имаат краен рок да го завршат до 31.12.2023 година, истакна синоќа во интервју за емисијата „24 анализа“ на Тв 24 заменик претседателот на Владата на Република Македонија Фатмир Битиќи, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции.

Сите инфраструктурни проекти за автопатот Кичево-Охрид се одглавени и на самиот почетокот на наредната година моите сограѓани ќе возат по автопатот Кичево-Охрид.

– Овде зборуваме за 50 километри во кои 130 инфраструктурни проекти воопшто не биле нацртани, проектирани, не биле одобрени, земјиштето не било трансформирано ниту експроприирано. Знаете што значи да направите 130 инфраструктурни проекти од кога проектот е започнат и за ова ни беа потребни 3.5 години и ова сега веќе е завршена работа. Ова никој не го зборува оти не можат административно да го гледаат, а ова беше условот за да го направиме анексот со завршени инфраструктурни проекти, завршени експропријации, завршена трансформација, изјави вицепремиерот Битиќи.

На прашањето кога нашите граѓани ќе можат да возат по автопатот Кичево-Охрид, Битиќи рече дека на 31.12. 2023 година сите изведувачи имаат краен рок тоа да го направат и ако до тој датум не може да се вози по 95% од делницата, оти 5% се пропратните патишта, некој ќе сноси сериозна одговорност во оваа земја и ова е системско решавање на работите.

– Завршена е приказната на седнување по кафеани и договарање дали можат да добијат уште година дена. Не, 31.12.2023 година е крајниот рок во кој моите сограѓани од Охрид ќе може да патуваат за Скопје по автопатот Кичево-Охрид, изјави Битиќи.

Потпретседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи подвлече дека ова е рокот, но ако некој од изведувачите сака, може утре да се откаже и ќе биде заменет со некој друг изведувач бидејќи ова е начинот на кој ние мора да ги решаваме работите.

Битиќи информираше дека во меѓувреме почна да тече рокот за консултантот кој е избран за патниот правец Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчане, Требеништа-Струга и автопатското решение Прилеп-Битола.

– Имаат 21 ден да ги завршат консултациите за да го спремат конечниот проект со избраниот оператор „Бехтел и Енка“ и ако се е како треба напролет би требало да почнат, но дека и таму има многу јасен рок на изведба, истакна Битиќи. (Крај)

извор: Тв 24 фото: Тв 24

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука