ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Стан, пари за живеење и бугарско државјанство како награда од Бугарија за Христијан Пендиков

Софија, 7. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Христијан Пендиков, кој беше повреден во тепачка во Охрид, и Бугарија го „евакуираше“ со авион на лечење во Софија, од бугарските власти ќе добие стан за привремено живеење и пари за издржување додека е во Бугарија.

Ова денеска го соопшти министерот за надворешни работи, Николај Милков, на прес-конференција. Парите што ќе ги добие за живеење се наменети за него и за неговото семејство, рече Милков.

Пендиков вчера беше отпуштен од Военомедицинската академија во Софија и веднаш беше примен од претседателот Румен Радев. Тој најави дека Пендиков ќе има и средба со бугарскиот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, „на која ќе се прецизира во колкава мера и дали му треба обезбедување на нашата територија, за да не стане жртва на провокација“.

Милков ги дефинираше настаните од 4-ти февруари, по повод 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и случаите на приведени Бугари на граница, како нова ниска точка во односите меѓу Софија и Скопје.

– Во однос на конзуларните прашања, правната помош, планираме да направиме некои консултации со нив за да ги изнесеме нашите тврдења, бидејќи тие не нѐ известија за апсењата на бугарските државјани. Тие се обврзани да го сторат тоа според еден куп меѓународни конвенции. Во однос на дискриминацијата, секогаш сме чувствувале дека тоа не е само конзуларно прашање. Дискриминацијата е политичко прашање, рече Милков.

Милков, како што рече, се надева дека Христијан Пендиков брзо ќе добие бугарско државјанство. (Крај)

извор: novatv.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука