ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

ОЈО Охрид поднесе обвинение за нанесување тешка телесна повреда од омраза за нападот врз Христијан Пендиков

Охрид, 8. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Основното јавно обвинителство Охрид поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело „тешка телесна повреда“, според член 131 став 1 во врска со став 2 и во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Обвинителниот предлог е поднесен во врска со нападот врз лицето Христијан Пендиков, кое се случи минатиот месец.

– Обвинетиот, заедно со уште едно до овој момент непознато лице, од омраза поради националната и етничката припадност, тешко телесно повредиле еден оштетен. На 19-ти јануари, во кафе бар во Охрид, обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон неговото возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со раце и нозе по главата и телото, нанесувајќи му тешки телесни повреди. Во текот на истражната постапка, сега обвинетиот се бранеше со молчење, но сите околности беа проверени и потврдени со изјави на сведоци на настанот и со обезбедените снимки од видео надзорот, информираат од ОЈО Охрид.

Додаваат дека надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Охрид доставил и посебен предлог за продолжување на притворската мерка за обвинетиот, бидејќи се’ уште постои опасност тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон.

– Во меѓувреме, по насоки на јавниот обвинител, и натаму се преземаат дејствија за идентификација и лишување од слобода на другото лице инволвирано во настанот, потенцираат од ОЈО Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука