Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Се зборува на Facebook: Наместо казината и обложувалниците, нека ги дислоцираат училиштата!

Охрид, 9. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Информацијата дека Владата го утврди Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, кој предвидува казината и обложувалниците да бидат на најмалку 500 метри оддалечени од училиштата е најкоментираната изминатите 24 часа на Facebook профилот на OhridPress.

Ова законско решение дојде на предлог на Министерството за финансии и предвидува оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта на уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа.

– Со цел заштита на младата популација измените и дополнувањата се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта. Со постојниот закон не е утврдена оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од основни и средни училишта, односно не го утврдува ваквиот критериум, соопштија од Владата.

Додаваат дека меѓу целите на предложените измени се посочува на потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање на лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца, приредува еден вид на игра на среќа, а се зголемуваат и надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа.

Читателите на OhridPress реагираат по повеќе основи. Дел се за комплетно дислоцирање на ваквите објекти од градовите, а дел реагираат на растојанието од само 500 метри од училиштата, што реално ја прави мерката несериозна. Дел од нив, на шега предлагаат дека сега е подобро да ги преместиме училиштата, затоа што оваа мерка нема да смени ништо. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука