ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Апелите на Планинската спасителна служба не вродија со плод: Операција за евакуација на возило заглавено на патниот правец Охрид-Отешево

Охрид, 10. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Покрај сите апели за совесно и одговорно користење на патниот правец Охрид-Отешево, во моментов се одвива драматична операција за евакуација на две лица кои со лесно возило се заглавиле во снежните наноси на самиот превој, информираат од Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен крст Охрид, од каде неодамна предупредија и испратија апел да се избегнува за употреба патниот правец Отешево-Охрид, поточно делницата Дервен-Царина.

На овој потег на  сила е забрана за секаков сообраќај, соодветно назначена со сообраќајна сигнализација, неколку километри пониско.

– Операцијата, во координација со нашиот оперативен центар, на терен ја спроведуваат ренџерската слпужба при Националниот парк „Галичица“ и ТППЕ Охрид – Пожарна, кои согласно договореното од последниот состанок со останатите служби, пристапија кон евакуација на луѓето, без обврска и непотребни обиди за извлекување на возилото. Операцијата ја нарекуваме „драматична и трагикомична“, од причини што спасителните тимови на терен се соочија со апсурдна ситуација, по пристигнување на лице место, како и во телефонската комуникација со барателите на помош, да бидат вербално навредувани од лицата и истите да не прифаќаат да си одат без нивното возилото. Во наведената ситуација, беше искористена и телефонска асистенција од граничната полиција, разговор по кој конечно лицата се согласија да го остават возилото и да бидат пешки спроведени до возилата на НП и ТППЕ и понатаму со истите до Охрид, информираат од ПСС.

Додаваат дека, за жал, оваа апсурдна ситуација, уште еднаш ја истакнува несовесноста на одредени граѓани, но уште повеќе на надлежните институции, во случајов Јавното Претпријатие за Државни Патишта и Јавното претпијатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, кои немаат можност за соодветно одржување на споменатиот патен правец, но и не дозволуваат истиот да биде физички затворен за сообраќај, со поставување на времена рампа, најмалку на позициите, од кои со програмата за годишно одржување, од 15 ноември до 15 март има воведено целосна забрана за сообраќајот.

– Ја користиме оваа прилика, уште еднаш, јавно да ги повикаме ЈПДП и ЈПОЗМРП, да дозволат поставување на физички бариери (рампи), инвестиција која комплетно финансиски би ја спровеле ние во соработка со НП „Галичица“, а во интерес на безбедноста на граѓаните и намалување на непотребните трошоци и ризиците од бројните интервенции, потенцираат од Планинската спасителна служба. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука