Избор Култура Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Достојно одбележана 115 годишнината од смртта на охридскиот гемиџија Марко Бошнаков

Охрид, 27. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со пригодна музичка програма и историски час во спомен куќата на Христо Узунов во Охрид, денеска беше достојно одбележана 115 годишнината од смртта на охридскиот гемиџија Марко Бошнаков.

Делегации на Општина Охрид и останати институции во градов денеска положија свежо цвеќе пред спомен куќата на Марко Бошнаков, а чествувањата продолжија со културно уметничка програма во спомен куќата на Христо Узунов.

May be an image of flower and outdoors

Пред присутните меѓу кои беа и членовите од семејството на Бошнаков се обрати заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиноски.

– Најверојатно никогаш нема да се најде начин со кој на исто ниво би му заблагодариме на Охридскиот гемиџија Марко Бошнаков за неговиот највисок патриотски чин на саможртва за самобитноста на македонскиот народ и градењето на Македонската држава. Секое чествување во однос на она што тој го направил за нас е премало и прескромно. Денеска одбележувајќи 115 години од смртта на Марко Бошнаков се потсетуваме на неговиот огромен патриотизам, на храброста да се биде дел од малкумината кои вршејќи ги солунските атентати сакаа да го одвлечат вниманието на „Светските елити“ за случувањата во нашата поробена земја, истакна Божиноски.

Во рамки на свеченостите настапија членовите на КУД „Гердан од бисери“, а историски час одржа кустосот при охридскиот Завод и музеј, Горан Митрески.

May be an image of 6 people, people standing, flower and outdoors

Охриѓанецот Марко Бошнаков беше еден од неколкумината кои ги преживеаа Солунските атентати изведени од групата млади македонски патриоти наречени солунски атентатори. Тој беше заробен од аскерот во Солун и осуден на смрт. Смртната казна му беше заменета со доживотна робија што ја отслужуваше во тогашниот злогласен затвор Музрул во Африка, каде и умре на 27-ми февруари 1908 година, само неколку месеци пред да се прогласи амнестијата од страна на Младотурците.

Марко Бошњаков во својот претсмртен час на неговите другари Павел Шатев и Ѓорѓи Богданов им оставил аманет: „Ако телото се тркала, не дозволувајте истото да се случи и со главата“.

Единствените преживеани гемиџии, Шатев и Богданов го исполниле аманетот на Бошњаков така што ја отсекле главата од беживотното тело на Бошњаков и ја донеле во неговиот роден град. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука