Економија Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари

Скопје, 28. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија на денешната седница донесе одлука да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари.

– За брашно, квасец, сол и адитиви потребни се 9,5 денари, за енергија и работна рака 5,7 денари, за транспорт и пакување шест денари, што значи дека вкупната производна цена на еден леб е 21,2 денари. На оваа цена се додава заработката на пекарите која е шест денари. Кога ќе се достави во маркетите, на таа цена од 27,2 денари се додава пет отсто маржа и уште пет отсто ДДВ, стои во пресметката на министерот Крешник Бектеши и објаснувањето зошто лебот треба да се продава по цена од 33 денари.

За дополнитено да ја потврди тезата – презентираше и споредба на цените на горивата, струјата, како и на брашното во големопродажба од ноевмри лани до февруари годинава. Како аргумент плус го наведе и тоа што ист леб се продава по драстично различни цени низ земјава – од 28 до над 45 денари.

– Не е фер и не е транспарентно да се кажуваат невистинити податоци затоа што проверено е од сите надлежни институции и претседателот на групацијата, еден од двајцата кој излезе на прес конференција, како сопственик на една од најголемите компании која произведува леб има цена под 33 денари на бел и полубел леб. Тоа е утврдено согласно сите проверки од Државен пазарен инспекторат. Затоа да не креираме хистерија кај граѓаните, изјави министерот Бектеши.

Цената на белиот и полубел леб ќе остане замрзната до 31-ви мај, а евтина државна струја фирмите нема да добиваат од 1. април. Премиерот Ковачевски потенцира дека нема да дозволат ниедна компанија во време на криза да профитира на грбот на граѓаните.

– Неоправдано покачување на цените нема да дозволам. Помина доволен период од донесувањето на последниот пакет антикризни мерки за цените да се усогласат зашто помошта од државата беше навремена и реална. Иако прехранбените компании добиваа субвенционирана струја, цените на своите производи не ги намалија или ги намалија незначително. Ова се однесува на дел од производителите на основни прехранбени производи, истакна премиерот Ковачевски.

Пекарите пак вчера тврдеа дека ако се замрзне цената тие ќе нижат загуби од 3 до 15 илјади евра дневно и соопштија дека едногласно донеле одлука да го запрат производството на леб. (Крај)

извор: Канал 5 фото: ВОА

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука