Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

ЈП „Охридски комуналец“ целосно го презеде стопанисувањето со депонијата „Буково“, годишно се заштедуваат 50-60 илјади евра

Охрид, 10. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – ЈП „Охридски комуналец“ целосно го презеде стопанисувањето со депонијата „Буково“, со што на годишно ниво заштедуваме 50-60 илјади евра, изјави на прашање на Супер радио и OhridPress на денешната прес конференција градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.

– Од 2005 година, на годишно ниво оваа активност ја чинеше општината и ЈП „Охридски комуналец“ помеѓу 50 и 60 илјади евра на годишно ниво. Го набавивме возилото и повеќе нема да имаме надворешни субјекти кои ќе стопанисуваат со депонијата, во смисла да ја одржуваат, туку самото претпријатие, и нема да акумулираме дополнителни трошоци. Она што години го правеле претходните локални самоуправи, ние го решивме, истакна Пецаков.

На почетокот на месецов, од ЈП „Охридски Комуналец“ од Охрид информираа дека е набавена градежна машина – булдожер со која самостојно ќе ја одржуваат депонијата „Буково“.

– Во рамките на ЈП „Охридски Комуналец“ Охрид дејност извршува Одделението „Депонии“, кое ја одржува и оперира депонијата „Буково“ на која се депонира комунален отпад од домаќинствата и од правни субјекти, кој се подигнува од територијата на Општина Охрид. Расчистувањето на комуналниот отпад на депонијата, негово растурање и набивање, односно одржување на депонијата „Буково“ ја врши ЈП „Охридски Комуналец“ со градежна машина – булдожер, специјално набавена за таа потреба, информираат од претпријатието.

Додават дека во текот на изминатиот период, оваа услуга ја извршуваа други фирми, а беше согласно јавна набавка.

– Со набавката на градежната машина, Јавното претпријатие самостојно се грижи за одржување на депонијата, а покрај тоа, што е од посебна важност од финансиска гледна точка, се заштедуваат финансиски средства кои во изминатиот период беа насочувани кон други правни лица кои ја извршуваа таа услуга, потенцираат од ЈП „Охридски Комуналец“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука