Избор Култура ТОП ВЕСТИ

Актерите од охридскиот театар подготвуваат нова претстава

Охрид, 14. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Актерите од охридскиот Народен театар започнаа со подготовка на нова претстава.

Во тек се пробите за премиерата на претставата „Неразбраната цивилизација“ од авторот Добри Војников, во режија на Софија Ристеска Петрушева.

Ова е една од трите претстави за која охридскиот Центар за култура „Григор Прличев“ доби финансии за реализација од министерството за култура.

Покрај оваа за годинава се предвидени премиери на театарските претстави „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет во режија на Сашо Миленкоски и „Серјожа е труп“ од Димитри Данаилов, во режија на Дејана Николовска.

В понеделник се одбележува Светскиот ден на театарот, па по тој повод од 20:00 часот ќе биде изведена претставата „Енергични луѓе“, според авторот Василиј Шукшин, во режија на Александар Ивановски. За оваа претстава периодов владее голем интерес, на репертоарот е и в петок, 17-ти март, но билетите се веќе распродадени.

Охридскиот народен театар годинава ќе прослави 12 години постоење. Во оваа форма, како Национална установа во рамки на Центарот за култура опстојува од 2011 година, по долгогодишни иницијативи во Охрид да се возобнови професионалниот театар. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука