Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Башоска: Случајот „Градиште“ повторно во новиот извештај за состојбите со заштита на човековите права во Македонија на US State Department

Охрид, 26. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во последниот извештај за состојбите со заштита на човековите права во Македонија на US State Department, повторно се најде и случајот „Градиште“, како помасовен случај на барања за постапки за денационализација на 36 семејства од Пештани, чиј што имот е одземен од нивните предци во 1957 година, информира охриѓанката Андријана Башоска, сопственик на имот во овој дел на градот.

– Народниот правобранител забележа големи тешкотии и процедурални превиди во случаите за денационализација и ги припиша доцнењата на слабата работа на комисијата за денационализација на Министерството за финансии, како и неефикасната соработка со Управниот суд и другите владини агенции. Законот за денационализација од 2000 година ја пропишува постапката за денационализација како „итна“ по природа. Членовите на 36 семејства во Охрид одржаа протести во април, тврдејќи дека властите не ги надоместиле соодветно за парцелите кои државата ги национализирала во 1957 година, се наведува во извештајот.

Башоска во допис до OhridPress информира дека земјиштето се наоѓа најатрактивниот дел на Охридското Езеро и е во процес на денационализација полни 25 години.

– Барателите на имот во процес на денационализација во Градиште, револтот постојано го искажуваат во пишани дописи до надлежните институции, јавно преку медиуми како и преку неколку протести пред таканаречениот „автокамп“ Градиште. Револтот на барателите на имот во процес на денационализација е последица на децениските неспроведувања на судските пресуди на добиените судски процеси во Управниот суд кои се задолжителни и извршни, непочитување и неспроведување на Законот за денационализација од страна на Комисијата за денационализација, како и најбрутално кршење на Уставот и законите а со тоа и на човековите права. Правдата е на нивна страна и државата конечно мора да им го врати земјиштето. Денационализацијата во Градиште е заглавена во корумпираноста и неспособноста на институциите и судовите. Државата мора веднаш да го заврши овој процес, кој е еден од клучните процеси на развојот на демократското општество во насока на функционирање на правниот систем, децидна е Башоска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука