Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Што е менување Устав, пет минути работа… Џачка смета дека Македонија треба да го смени Уставот заради преговори со ЕУ

Скопје, 27. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Македонија треба да го смени Уставот заради преговорите со ЕУ, порача албанската министерка за надворешни работи Ољта Џачка на заедничката прес-конференција со својот домаќин, македонскиот министер Бујар Османи.

– Сметам дека треба да се направат измени во Уставот зашто така ќе им се отвори патот на евроинтеграциите. Ние со вас стоиме рамо до рамо и во координација за овој процес кој има нова динамика во контекстот на ставот на ЕУ за проширувањето. Важно е политичките чинители да не го испуптат овој момент зашто е отворена можноста да се движиме побрзо. Тој што ќе остане поназад ќе назадува и ќе биде тоа неповолност за граѓаните, изјави Џачка во Скопје.

Според Османи пак, поголемата свест за Европската Унија креира историска можност 2030 година да бидеме сите внатре во ЕУ.

– Дали ќе ја искористиме таа шанса или ќе го повториме тоа што ни се случи пред 15 години како со Грција, останува во наши раце. Дали ќе се изолираме или ќе бидеме дел од овој брз воз што вози директно во Брисел е одлука на секој пратеник во Собранието, рече Османи.

Според него, не е фер да бараме од Албанија, ако не успеме да ги направиме уставните измени, да застане и да не продолжи, бидејќи, како што рече, процесот е индивидуален се базира на меритократија на секоја држава посебно.

Албанската министерка Џачка посочи дека дискутирале за начините како може да се интензивира соработката не само во инфраструктурата, туку и во делот на енергијата, трговската размена, културата, туризамот и образованието. (Крај)

извор: мкд.мк фото: мкд.мк

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука