ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Комисијата за употреба на историските имиња денеска ќе расправа за судбината на клубот „Цар Борис III“ во Охрид

Скопје/Охрид, 28. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за правда во Владата на Република Македонија Кренар Лега очекува да го добие мислењето на надлежната Комисија за употреба на историските имиња во рамки на Министерството за правда за бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис III“, по што ќе донесе одлука дали и ова здружение ќе биде избришано, по пример на битолското.

Како што најави Лега, оваа Комисија ќе заседава денеска, кога ќе се одржи состанокот, по што ќе биде испратен извештај до него и тој ќе донесе решение.

Здружението „Цар Борис III“ неодамна поднесе дополнителни документи до Централниот регистар за усогласување со Законот за здруженијата и фондации и со тоа доби дополнително време, односно предметот за ова здружение не е разгледуван на последната седница на Комисијата за употреба на имиња. Комисијата донесе негативно мислење за употреба на името „Иван Михајлов“, а за „Цар Борис III“ добила известување дека здруженето поднело дополнителна документација за да се усогласи со Законот. Ова значи дека здружението на Бугари „Цар Борис III“ со седиште во Охрид самото ќе си даде нов назив и нема да биде избришано од Централниот регистар.

Согласно измените на Законот за здруженија и фондации се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл. Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.

Комисијата за употреба на имиња на личности ја сочинуваат пет члена од кои по еден претставник од министерствата за правда и за култура, еден од Институтот за национална историја и двајца, кои доаѓаат од редовите на МАНУ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука