Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Од јуни или јули либерализиран пазар на труд на Отворен Балкан, Хрватска бара повеќе од 110.000 работници, кој ќе работи во Охрид летово?

Охрид, 4. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Скоро и да нема угостителски објект, но и многу други сегменти од економијата во Охрид, кои немаат активни огласи за вработување. Се бараат работници од разни профили, со или без работно искуство, за образование и стручна подготовка ретко кој и да прашува…

Големите фабрики кои се отворија во регионот на Охрид и Струга ја „собраа“ на едно место скоро целата расположлива работна сила. Нудат солидни плати и услови, што е причина голем број од работоспособното население, кое е на возраст во која треба да испорача највисоки работни резултати, да се одлучи токму за оваа опција за вработување. Кога на оваа бројка ќе се додаде и огромната бројка млади кои заминаа во странство годиниве наназад и таму ја побараа среќата, доаѓаме до фрапантни показатели.

Подолг период наназад, преполни се огласите по медиумите и социјалните мрежи со барања за лица за работа. Ако некогаш се бараше и соодветна стручна подготовка, сега тоа како да се става во втор план и се нудат брзи обуки за оспособување за конкретната работна активност, по што веднаш се започнува со конкретни работни обврски.

– Подолг период наназад објавуваме огласи за вработување, а бројката се зголемува како што се приближуваме кон летото. Се бараат работници за околните поголеми фабрики, но и за работа во угостителските објекти, хотели, апартмани и слично, велат од Супер радио, водечкиот медиум во регионот, кој со успешен маркетинг пристап и сериозно искуство наназад полни 30 години, успева да биде линкот помеѓу понудата и побарувачката на пазарот.

Во меѓувреме, во секторите туризам, угостителство и градежништво, на Хрватска ѝ недостасуваат повеќе од 110.000 работници. Во туризмот планираат да вработат 60.000 сезонци, а 35.000 странски работници во 2023 година ќе го надминат бројот на домашните сезонски работници, кои се потешко се наоѓаат. Недостигот од работници веќе се гледа во намалувањето на опфатот на некои услуги во многубројните индустрии, па така, на пример, големите трговски ланци ја намалија работата во помалите маалски продавници на само една смена. Недостигаат и медицински сестри, лекари, наставници, информатичари, возачи на камиони… Хрватска од регионот си обезбедува работници. Во земјата работат Срби, Босанци, Македонци. Инаку, пред неколку години се споменуваа бројки од 15.000, 20.000 сезонци, но сега бројките растат.

Пред само неколку дена, лидерите на Отворен Балкан од убавата Италија порачаа дека во текот на јуни или јули се очекува да стартува либерализацијата на пазарот на трудот со што ќе бидат отстранети работните дозволи за граѓаните од трите земји.

– Наместо дозволите за работа да се добиваат за шест месеци ако некој од Крушевац сака да работи во Скопје, или од Врање во Куманово, или од Струга во Елбасан, сега секоj граѓанин на националниот портал е-услуги ќе може да го добие идентификацискиот број за Отворен Балкан и со тоа ќе може да апликацира за одреди дозволи, социјално осигурување и за неколку дена да ги добие. Зошто е тоа важно, бидејки ќе им овозможи на компаниите побрзо да ангажираат работници. Со тоа што побрзо ќе добиваат работни дозволи, тие ќе можат веднаш да почнат да работат. Што побрзо почнат да работат, побрзо ќе произведуваат, а со тоа и ќе остваруваат побрз раст на БДП, а тоа е она што им теба на нашите луѓе. Потребен им е животен стандард на ниво на ЕУ, но во нашите земји, рече македонскиот премиер Димитар Ковачевски, одговрајќи на новинарско прашање.

Каде од овде, летото е пред нас, дали е Охрид подготвен?

Неодамна во Касарна Хаб Охрид се одржа Саемот за сезонско вработување во туристичкиот сектор во Охрид и Струга. Беа поканети сите средношколци, на возраст над 15 години и студенти кои бараат сезонска работа и сакаат да работаат со туристи од различни култури.

– Како сезонски вработен, ќе имате можност да работите како угостителски персонал, во ресторан, во кујна, на плажа и слично. Некои од барањата за овие позиции вклучуваат пријателска и позитивна личност, одлични комуникациски вештини. Претходно искуство во туристичката индустрија е плус, но не е задолжително. Потребно е да имате добри комуникациски вештини, познавање на англиски е неопходно за некои позиции и подготвеност да се работа во смени, за викенди, со флексибилно работно време, им порачаа на младите организаторите на Саемот.

Минатата летна сезона ја спасија токму најмладите. OhridPress тогаш анализираше дека средношколците ја спасија сезоната во Охрид и праша – кој ќе ја спаси следната?

Скоро и да немаше кафе бар, ресторан, бутик или објект од било која дејност каде не работеа средношколци, често на возраст од нешто над 15 години. Позитивно е што овие млади луѓе стекнуваа работни навики и имаа можност да им помогнат на родителите во семејниот буџет, но сепак, мора да се има во предвид и фактот дека веќе во септември, тие треба да се вратат во училишните клупи, а ние како општество скоро и да не направивме ништо за да го решиме основниот проблем, а тоа е зошто младите заминуваат.

Нефункционалност на државата, неказнивост, концентрација на капиталот во мала група луѓе, нефункционирање на правото, длабока партизираност, огромна администрација… Ова се само дел од причините, кои, покрај ниските плати се наведуваат како главни за заминување од родниот град. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука