Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид Струга ТОП ВЕСТИ

Поставен камен темелник на автопатот од Тетово до Струга и Ќафасан

Тетово, 4. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на македонската Влада Димитар Ковачевски денеска во Тетово присуствуваше на поставување камен-темелник на проектот Коридор 8, со што се означи почетокот на изградбата на модерен, современ автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан.

– Со гео-стратешката позиција и Коридор 8 ние стануваме неизбежна транспортна рута како во регионот така и пошироко. Денеска започнува силна градежна офанзива за изградба на западниот дел на Коридор 8. Камен-темелникот на Коридорот 8 не е само почеток на нова патна инфраструктура, тоа е камен-темелник и на нови инвестиции, отворање нови пазари, можност за нови соработки како меѓу домашните, така и со меѓународни компании. Изградбата на Коридорот 8 значи помалку трошоци за транспорт, наш побрз транспорт, поврзување и интеграција, како и економски и регионален развој на земјава. Изградбата на модерен, современ автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан, денеска покажува дека е конкретна, реална и остварлива цел која е во интерес на граѓаните, за нивен подобар живот и просперитет на бизнис заедницата. Секој автопат носи можност за нови бизниси и економски развој. Нови бензински пумпи, нови хотели, ресторани, деловни објекти, повеќе вработувања, подобро платени работни места, поголема конкуренција и побрз развој, порача премиерот Ковачевски.

Тој истакна дека знае колку овој автопат е важен за нов економски и развоен импулс не само на западниот дел од земјава, туку и за регионален развој на целата држава.

– Изградбата на Коридорот 8 значи поврзување на државата со другите земји од Европа, значи странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и роба, развиен туризам и пред сè безбедни и сигурни патишта за граѓаните. Коридорот 8 и коридорот 10д се најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава во патниот сектор. Вредноста на Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д изнесува 1,3 милијарди евра. Ќе се градат четири автопатски делници во вкупна должина од околу 110 километри. Вакво нешто никогаш во историјата на нашата држава не било направено. До денес, овие два коридора биле само план на хартија, кој никогаш не бил реализиран од разни причини. Денес тоа се менува и започнува нивната реализација. За прв пат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само поврзување север и југ. Со изградбата на автопатите нашата држава ќе биде поврзана со уште две пристаништа. Пристаништето во Драч и пристаништето во Бургас и тоа за нас е одлична можност и перспектива за развој. Ако досега бевме кружен тек, сега со овој коридор 8 стануваме вистинска крстосница на Балканот. Тоа е нашата иднина, единствено со вложување во капитални проекти обезбедуваме можности за стопанството, за бизнис заедницата, вложуваме во функционално, модерно, патно поврзување на целиот овој регион. Оваа инвестиција ни отвора нови европски рути и воспоставува поврзување со регионот, што е од исклучителна важност за нашата економија, напомена премиерот Ковачевски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука