ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Бугарскиот клуб „Цар Борис III“ избришан од Централниот регистар

Охрид, 4. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари „Цар Борис III“ со седиште во Охрид е избришано од Централниот регистар.

Како образложение е наведено неусогласеност на името и/или називот, скратено име, програмата, целите и дејностите, согласно член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации.

Нема достапен опис

Министерот за правда Кренар Лога неодамна го потпиша решението за неусогласеност врз основа на добиеното негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности за употреба на името Цар Борис III во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари „Цар Борис III“ во Охрид. Од Министерството за правда на Република Македонија укажуваа дека постапуваат согласно со одредбите од Законот за здруженија и фондации.

Претходно, Комисијата за имиња на личности даде негативно мислење за употреба на името Цар Борис III во називот на Здружението.

Клубот „Цар Борис III“ беше отворен на 7-ми октомври 2022 година во Охрид од страна на Здружението кое го носи истото име, а беше формирано претходно. Истовремено со отворањето на клубот, пред просториите каде се наоѓа, беше организиран протест, кој помина без инциденти иако на моменти атмосферата беше тензична. Седиштето на Здружението во три наврати беше мета на уништување, со кршење на стаклата на канцеларија и оштетување на светлечката реклама. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука