ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Денеска треба да започне одложената главна расправа од судењето за напаѓачот на Христијан Пендиков

Охрид, 5. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска треба да започне главната расправа од судењето за напаѓачот на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб во Охрид, која беше одложена на 28-ми февруари 2023 година.

На првото рочиште тогаш, одбраната на обвинетиот побара, а Судот прифати одложување за да им бидат доставени доказите прибрани од Обвинителството.

Што се однесува пак до барањето на обвинителстото да сведочи и нападнатиот Пендиков, кој во моментов е во Бугарија, обвинителите рекоа дека не се знае кога тој ќе може да присуствува.

– Не знаеме кога ќе може да присуствува Пендиков поради медицински причини, се зависи од рочиштето, рекоа обвинителите.

На обвинетиот му се суди за крвично дело напад од омраза со тешки повреди, а предметот го води судијата Бојан Мартиноски. Според процедурите, Пендиков би требало да изврши препознавање на напаѓачите и за да му достави покана на Пендиков, охридското обвинителство преку бугарските власти се обиде да ја обезбеди адресата на неговото сегашно престојувалиште.

– За правилно утврдување на фактичката состојба ќе биде неопходно и оштетениот да учествува во постапката пред обвинителството во својство на сведок, појаснуваат од обвинителството по испраќањето на барањето до бугарските власти.

Секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид, Христијан Пендиков може кривично да одговара за навредите кои ги изрече на сметка на Република Македонија и Македонците, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Пендиков ќе треба да ги докаже пред обвинителството во Македонија своите наводи за малтретирање на Бугарите, а вицепремиерот Маричиќ смета дека Пендиков не бил нападнат затоа што се чувствува Бугарин.

Пендиков, кој веднаш по инцидентот што се случи на 19-ти јануари, со авион беше транспортиран на лекување во Бугарија ги ужива привилегиите од бугарската држава, па покрај државјанство, стан и обезбедување, ќе добие и стипендија да студира во Софија.

Во меѓувреме, Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари „Цар Борис III“ со седиште во Охрид е избришано од Централниот регистар. Како образложение е наведено неусогласеност на името и/или називот, скратено име, програмата, целите и дејностите, согласно член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука