Избор Охрид Струга ТОП ВЕСТИ Хроника

Охрид доминира во полицискиот Билтен: физички пресметки, приведени странски државјанки, агресивно однесување, противправно задржување на девојка…

Охрид/Струга, 16. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Настаните случени изминатите 24 часа на територијата на СВР Охрид доминираат во полицискиот Билтен, регистрирани се физички пресметки, агресивно однесување, противправно задржување на девојка…

На 15-ти април 2023 година, во 22:35 часот, полициски службеници од СВР Охрид го приведоа 39-годишниот Н.Ѓ. од Охрид. Тој, на улицата „Марко Цепенков“ во Охрид го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување кон К.Ѓ. од Охрид и кон полициските службеници кои преземале службени дејствија. Против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 15-ти април 2023 година, во 16:45 часот, во угостителски објект лоциран на плоштадот „Крушевска Република“ во Охрид, 36-годишниот Д.Ј. од Охрид, го нарушил јавниот ред и мир со викање и агресивно однесување кон полициските службеници кои, преземале службени дејствија. Тој е приведен и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 15-ти април 2023 година, во 18:55 часот пред казино на улицата „Абас Емин“ во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид ги привеле заедно со 30-годишните Н.К. од Охрид и Ж.В. од Скопје затоа што го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Денеска, 16-ти април 2023 година, полициски службеници од ОВР Струга го лишија од слобода 30-годишниот Ж.В. од Скопје, поради сомнение дека во вечерните часови на 15-ти април 2023 година, во викенд куќа во струшко село, каде, неколку часа претходно заедно влегле со употреба на сила, противправно задржал 19-годишна девојка од Охрид со која претходно се познавале. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 15-ти април 2023 година, Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Сектор за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во содејство со Одделот за специјални полициски операции, Одделот за криминалистичка полиција, Регионалниот центар за гранични работи Запад, СВР Охрид и инспектори од Државниот трудов инспекторат спроведоа акциска контрола во два угостителските објекти на подрачје на СВР Охрид. При контролата биле затекнати 12 странски државјанки од Русија, Украина, Србија и Албанија, од кои пет без пријавен престој во земјава. Констатирани се неправилности и од државниот трудов инспекторат кои ќе бидат соодветно санкционирани. Странските државјанки биле предадени на Одделение за странци и реадмисија при РЦ за ГР Запад за понатамошна постапка. Петте лица се изведени пред Судија за прекршоци и согласно одредбите од Законот за странци изречена им е глоба и мерка протерување на странец од земјава.

На 15-ти април 2023 година во 19:45 часот, во Полициската станица Струга, 37-годишната Б.Г. од Струга, пријавила дека била касната од куче скитник. Инцидентот се случил на улицата „Боро Хаџиевски“ во Струга. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука