ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ

На денешен ден Бугарија со амин од Хитлер ја започна окупацијата на Македонија

Скопје, 18. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – На 18-ти април 1941 година, со одборение на Хитлеровата врховна команда, единиците на Петтата бугарска армија, со Шестата и со Седмата пешадиска дивизија, ја започнаа воената окупација на Македонија.

Овој историски факт, под рефлекторите на обидите за политичко препрочитување на историјата на Македонија, Бугарија настојува овој настан од историјата наместо окупација еуфемизирано да се третира како администрирање со Македонија.

Но, историските факти говорат друго:

Пред да почне окупацијата од Бугарија на Македонија на 6-ти април 1941 година Германија и Италија ја нападнале кралска Југославија, која била поразена за десетина дена. Бугарија не учествува во воените дејствиjа. Германците на 18 април ја поканиле Бугарија да ја преземе контролата врз дел од територијата на тн. Вардарската Бановина, односно на Македонија.

На 19-ти април 1941 година, при навлегувањето на бугарските единици во Струмица, биле организирани масовни демонстрации со учество на неколку илјади граѓани. Пред седиштето на есперантистите се собрало маса граѓани и во поворка тргнале по улиците на Струмица. Носејќи ја картата на Македонија ги извикувале паролите Македонија на Македонците, Да живее слободна Македонија, Долу шпиони…

Бугарија по окупацијата го воведува бугарско законодавство. Се обновуваат некогашните епархии на Бугарската егзархија и бугарски училишта.

По окупацијата и организирањето на административната власт се започнало со создавање и на други институции: граѓански судови, обласна финансиска дирекција, инспекциски служби и слично. Во административно-политичкиот систем во спроведувањето на новата бугарска власт значајна улога имале и институциите кметство и кметско намесништво (старешина на селото – определен од власта), како органи на централната власт во Софија.

Раководниот кадар и најголемиот дел од службениците биле регрутирани од Бугарија. Заедно со воено-полициската администрација од Бугарија пристигнале и голем број на службеници, сите тие заедно ја претставувале главната потпора на бугарската власт во Македонија. Со оваа политика на Царството Бугарија покажало дека немале доверба во македонското население. Одделни пратеници во бугарското Народно собрание побарале бугарската влада да преземе мерки против манифестирањето на македонската национална самобитност. Бугарското собрание побарало за Македонците да се употребува терминот Бугари од Македонија, а не Македонци. (Крај)

извор: denesen.mk фото: denesen.mk

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука