ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Парулеска: За мене таеквондото значи живот, за да се постигне тронот на Европа треба многу труд и тренинзи (Фото/Видео)

Охрид, 25. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Бројни охриѓани, но и помлади таеквондисти со оваации и аплаузи го поздравија враќањето на европската златна кадетка Христијана Парулеска и останатите македонски репрезентативци во традиционално таеквондо од Европското првенство во Јесоло, Италија.

Парулеска видно возбудена се заблагодари за свечениот пречек и поддршката што ја добивале. Христијана во силна конкуренција и далеку побројни репрезентации успеа да освои сребро во борба со замислен противник и злато во борби, со што се искачи на европскиот трон.

https://youtu.be/LZXMv0o-_Z0

Освојувајќи ги двете одличја, на Парулеска на посебна церемонија ѝ беше врачен пехар, прва таква награда што македонски спортист ја освоил во поединечна конкуренција на Европски шампионат.

– Многу сум возбудена, сакам да се заблагодарам на сите што дојдоа да ме дочекаат. Најголем предизвик ми беше полуфиналето, со девојчето од Хрватска. За да се постигне тронот на Европа треба прво многу напор, многу труд и вежбање и тренинзи. За мене овој спорт значи мојот живот, изјави Парулеска.

Нема достапен опис

Селекторот на Македонската традиционална теквондо федерација (МТТФ), Марјанчо Лазаревски успехот на ова првенство го окарактеризира како историски, а му претходеле напорни подготовки и надеж за успех.

– Се подготвувавме, се надевавме на успех, златото за нас како мала репрезентација секогаш беше недостижно. Освојувањето пехар за најдобар поединец во споредба со поголемите репрезентации што бројат по 120-150 натпреварувачи, а ние само со седум учесници, е невозможна мисија. Ова е историски успех, прв пехар што некој натпреварувач во поединечна конкуренција го освоил за најдобар поединец. Европски шампион и најдобар меѓу најдобрите. Овој успех тешко дека ќе може да се повтори, а секако ќе се трудиме. Најголема благодарност до генералниот спонзор „ПН Метал“, како и до Општина Охрид и до Агенцијата за млади и спорт, потенцира Лазаревски.

Охридските спортисти беа пречекани и од градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, кој потенцира дека за да имаме што е можно повеќе вакви успеси поддршката мора да продолжи на многу повисоко ниво.

– Горд сум што Општина Охрид можам да кажам дека е општина број еден по однос на поддршка на спортот. Од наша страна поддршката ќе продолжи, покрај финансиска и преку вложување во спортската инфраструктура. Факт е дека поддршката од приватниот сектор е неизбежна, ова е еден од светлите примери, кога одредена фирма поддржува еден спорт. Посакувам многу успеси и во иднина, рече Пецаков.

Теквондистите тука не застануваат и веќе ќе стартуваат со подготовки и тренинзи за следните предизвици. Ги очекуваат Меѓународниот отворен турнир „Зворник“ во Босна и Херцеговина, на почетокт на јуни „Софија Опен“, на 24-ти јуни ќе следи „Охрид Опен“, а се надеваат и на учество на Светското првенство во Казахстан, Астана. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука