ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Српскиот патријарх Порфириј пристигна во Охрид каде утре ќе се одбележи една година од предавањето на Томосот за автокефалност на МПЦ-ОА

Охрид, 4. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Поглаварот на Српската православна црква патријархот г. Порфириј пристигна во Охрид каде што со поглаварот на МПЦ-ОА г. Стефан ќе чиноначалствуваат со Светата Литургија, со која свечено ќе се одбележи првата годишнина откако поглаварот на Српската православна црква го предаде Томосот за автокефалност на поглавар на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Архиепископот Стефан го пречека патријархот Порфириј во манастирот Калишта, кој е посветен на Успение на Пресвета Богородица кај Струга.

Српскиот патријарх Порфириј на 5-ти јуни минатата година му врачи акт на поглаварот на МПЦ-ОА г. Стефан, со кој се потврди одлуката на СПЦ објавена на 24-ти мај по сослужувањето на заедничка литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ-ОА, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

-По благодатта Божја имаме прилика да го овенчаме тоа што веќе постои меѓу нас, а тоа е единството, кое во еден период беше нарушено, но е воспоставено во духот на Црквата, а тоа е Македонската црква – Охридската архиепископија дека има не само услови потребни да се организира во контекст на автокефална црква и дека тоа е најдобар можен начин и метод за животот на нашите православи браќа и сестри во Македонија. Затоа она што веќе го реализиравме преку служењето на литургија во Скопје, денеска чувствуваме и јавно пред сите да го објавиме документот кој се нарекува Томос, изјави Порфириј по литургијата во Белград на 5-ти јуни, минатата година. (Крај)

извор: ПлусИнфо фото: ПлусИнфо

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука