Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Отворен ден за бесплатна правна помош за дискриминација и повреди на човекови права во Охрид

Охрид, 6. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Опција Охрид, Мрежата за заштита од дискриминација и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во петок, на 9-ти јуни 2023 година, од 11:00 до 14:30 часот организираат Отворен ден за бесплатна правна помош за случаи на дискриминација и повреди на човекови права.

– Ги повикуваме сите граѓани кои се сметаат дека се жртви на дискриминација и прекршување на правата да дојдат да се советуваат и да добијат помош за решавање на проблемот. Граѓаните ќе можат да добијат точни информации за своите права од Законот за спречување и заштита од дискриминација, можностите за нивна заштита, поврзување со други услуги и за начинот и условите за аплицирање за бесплатна правна помош. Граѓаните исто така ќе можат да поднесат претставка на записник кај членот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Игор Јадровски. Особено ги повикуваме граѓаните од маргинализираните заедници кои континуирано се соочуваат со дискриминација и други повреди на права, како лица со попреченост и нивни родители, лица од немнозински етнички заедници како Турци, Еѓипјани, Роми, Бошњаци и други, LGBTI луѓе, луѓе што употребуваат дроги и се лекуваат од зависност, лица со ретки болести, сексуални работници, бремени работнички, жени од социјално ранливи категории и други.
Услугите за правна помош и советување се доверливи, односно информациите кои ќе ги споделите ќе останат само помеѓу вас и правникот, потенцираат организаторите.

Целта на отворениот ден е да се обезбеди пристап до механизмите за заштита од дискриминација и пристап до правда и на долг рок да влијае на унапредувањето на еднаквоста во Општина Охрид. Отворениот ден ќе се одржи во советничката канцеларија во Општина Охрид на улица „Димитар Влахов“ бр. 57.

Настанот е дел од проектот „Видливи, здружени и гласни- Акција за еднаквост и недискриминација преку учество и мултисекторска соработка“ поддржан од програмата Цивика Мобилитас.

– Твојот глас е важен! Реагирај, пријави и спречи дискриминација, потенцираат организаторите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука