ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ

80 години од масакрот во Ваташа: Смртта стана немоќна пред нивната младост исправена

Скопје, 16. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден, на 16-ти јуни 1943 година, пред 80 години, за време на Втората Светска Војна, беше извршен масакр врз дванаесет млади Македонци од кавадаречкото село Ваташа.

Со цел да се спречи народно-ослободителното движење во Македонија, бугарскиот фашистички окупатор во близина на Моклиште кај месноста Чаир, на 12 километри од Ваташа стрела 12 млади Македонци од селото Ваташа, кавадаречко, на возраст од 15 до 27 години возраст.

Колежот го извршила бугарската воjска и полициски одреди, под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија. Апостолов по потекло бил од Крива Паланка. Во тоа време, од 40 до 60% од војниците во полковите на Петтата армија биле локални регрутирани младинци, исто како и голем дел од полицијата, која била составена од месни кадри.

Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Љубен Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година, преземаат офанзива за уништување на македонските партизани. Се нафрлаат и на мирното население. Кулминација на погромите над цивилното население е масовното стрелање во Ваташа, на 16 јуни 1943 година, на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон ІІ убиени се 12 млади Македонци.

Уште вечерта на 15 јуни низ Ваташа се разнела веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто е роденден на престолонаследникот и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнале на работа ги враќале назад дома.

Во раните утрински часови во селската кафеана на Васил Хаџијорданов во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина младинци и девојки. Тие биле скоевци, кои кришум им помагале на партизаните, но биле накодошени. Според Стева Илиева од Кавадарци: „Кметот нè собираше од куќите со готов список, сите нè имаше по име и презиме.“

Во кафеана тие се испрашувани и безмилосно тепани од страна на заменикот на полицискиот началник Петко Опреков, поручникот Борис Костов и двајца бугарски агенти, а потоа се принудени да признаат дека биле сите заедно со партизаните на 1 мај во месноста Моклиште и дека биле нивни помошници. На крајот на полицискиот распит ослободени се еден младинец и една девојка. Останатите 12 младинци и 4 девојки остануваат со обвинение за врска со партизаните и бегство во планината, кое наводно го подготвувале. Откако ги поднеле сите тортури и измачувања, полицијата и војската ги одвеле пешки младинците во колона кон Моклиште.

Додека ги воделе младинците, на неколку места ги запирале. Веројатно се премислувале каде да ги стрелаат, додека ним им велеле дека ги носат за да ги фотографираат. Најстариот од сите, Васо Хаџиjорданов насетил дека нешто лошо се подготвува, па кај месноста Чаир каде биле запрени, почнал да бега, а по него побегнале и други. Тогаш била издадена наредбата за оган. Дванаесетте младинци биле застрелани, иако сите војници не сакале да пукаат. Четирите девојки што, исто така, биле уапсени – Мара Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Павлина Касапинова и Ката Ицева – ги тргнале настрана.

Полицискиот началник Петко Опреков се спротивставил на поручникот Костов кога сакал да ги убие и девојките, а капетан Борис Жеглов го поддржувал Опреков, па така тие биле спасени. Поручникот Борис Костов, кој раководел со овој злочин, со шмајзер во рацете од кој сеуште се чадела цевката им се обратил на преплашените девојки со зборовите: „Гледајте, и вас ќе ве снајде истото!“ Војниците ги вратиле девојките назад во селото и издале наредба убиените младинци да не се носат назад, туку да се закопаат на местото на стрелањето.

Откако му реферирале за извршениот масакр, за успешно извршената акција, полковникот Љубен Апостолов восхитено рекол: „Тоа е тоа, страшни момчиња имам!“

Дванаесетте убиени млади Македонци од селото се: Перо Видев (15), Ванчо Гурев (19), Данко Давков (18), Илија Димов (18), Ристо Ѓондев (18), Блаже Ицев (20), Пане Мешков (18), Герасим Матаков (18), Ферчо Попѓорѓиев (26), Васо Хаџиjорданов (28), Диме Чекоров (20) и Пане Џунов (18).

За масакрот во Ваташа, во Билтенот на Генералштабот на Народно-ослободителната војска и партизанското ослободување на Македонија од септември 1943 година стои: „Младинците се изрешетани со куршуми од митралези, а потоа се избодени со бајонети. На некој им се исечени рацете и извадени очите, сите биле опљачкани.“

Меѓутоа, ниту еден поголем злочин во историјата не поминал неказнето. Стрелачкиот вод кој учествувал во злочинот, една година подоцна, на 13 јули 1944 година, бил целосно уништен од страна на два баталјона на Втората Македонска ударна бригада кај село Страмашево.

По две години, Народниот суд во НР Македонија ги осудил на смрт главните раководители и учесници во овој масакар: полковник Љубен Апостолов, капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов и подофицер Петко Опреков. Пред тоа, сите тие се предадени од новата влада на Бугарија на југословенските власти за судење како фашисти. Апостолов, кој бил командант на војската и ја издал наредбата за стрелање, тврдел дека не е виновен за ваташкиот масакр. Тој бил суден за повеќе злодела и сите ги признал, но за ваташкиот масакр кажал дека добил листа со имиња, а на неа стоело дека младинците се партизани уапсени во шумата, а не собрани од нивните куќи. Раскажал и за улогата во настанот на четворица ваташани-предавници, тројца мажи и една жена.

Поручникот Костов и заменикот на полицискиот началник Петко Опреков биле ликвидирани по капитулацијата на фашистичка Бугарија.

Обласниот полициски инспектор Димитар Раев и агентот Борис Жуглов биле уапсени, осудени на смрт и стрелани.

Нека им е вечна славата на ваташките младинци, кои македонскиот народ никогаш нема да ги заборави.

Денес, на местото на стрелањето, постои мал споменик. По војната, тие се откопани и преместени на друго место, а по трет пат, закопани се во 1963 година. Во спомен на настанот, изградена е спомен костурница на стреланите 12 младинци Македонци од Ваташа, која е откриена на 11 октомври 1961 година. На јужниот ѕид на споменикот е запишано: „Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината“. На местото на стрелањето подигнат е спомен парк со површина од 7 хектари, а во него се посадени 12 јавори како симбол на стреланите младинци. За настанот испеана е народна песна: „Ми заплакало селото Ваташа“.

И на 19 сптември 1942 година, кај селото Дабница, во месноста Дабнички Завој, Прилеп, бугарскиот фашистички окупатор на подмолен начин масакрира 18 македонски патриоти. Единствено успеаја да се спасат Петко Велкоски и Тоде Ристески – Келешот. Се случи да има живи сведоци меѓу масакрираните, за да раскажуваат за овој крвав настан, наречен „Дабничко клање“.

Цветови – Славко Јаневски

В Тиквешко негде, в некое село,
кај в слана тивко венеше цвете,
– убија дете.
Последна солза од око капна…
кога на ридот есента стапна,
в крви се изми утрото бело.
И кога в зраци челикот светна
последна мисла ко птица летна:
„Мајка ми сама остана в село“.
О, детски очи!
Криевте в себе небесно катче…
Румено крвје течеше в жили
в радост без почин…
Кај око детско натопи земја
гороцвет никна, разлиста пролет,
кај крвта врела растопи слана
црвена роза закити поле.
Мајската роза и цветот модер
в миризма молат:
„Закити, друже, огнена пушка
со цвеќа млади,
па напред појди и други деца
брани со гради“.
В Тиквешко негде, в некое село,
кај в слана тивко венеше цвете,
– убија дете.

извор: Тодор Петров/ПлусИнфо фото: ПлусИнфо

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука