ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Пецаков: Во само 24 часа се случија 3 сообраќајки, апелирам да преовлада совеста и да се прекине оваа голгота

Охрид, 17. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Она од што стравуваме дека ќе се случува со затворањето на влезот во Охрид, по;навме да го гледаме секојдневно. Во само 24 часа се случиja три сообраќајки, објави на неговиот профил на Facebook градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, споделувајќи ја последната објава на OhridPress за сообраќајната незгода која се случи попладнево на регионалниот патен правец Р1208, односно стариот пат Охрид-Струга.

– Затоа беа и нашите апели да не се прави тоа сега. Повторно замолувам да преовлада совеста и да се прекине оваа голгота, потенцира Пецаков.

Две возила се судрија попладнево, нешто по 15:45 часот на регионалниот патен правец Р1208, односно стариот пат Охрид-Струга, каде по последните измени е пренасочен сообрачајот на потегот од Подмоље до Охрид. Во незгодата учествуваа две патнички возила марка „Мерцедес“ и „Опел“, а според првичните информации причинета е поголема материјална штета.

Ова е трета сообраќајна незгода на овој потег во само 24 часа. Вчера, по директен судир на две возила попладнево, на влезот од Струга, едно возило заврши во водите на Охридското Езеро, а друго го блокираше патниот правец.

Претходно, тешка сообраќајна незгода се случи вчера, нешто по 14:00 часот на стариот пат Охрид-Струга. Според првичните информации, во незгодата учествувале автобус марка МАН со скопски регистерски ознаки и патнички автомобил марка „Опел“ од Охрид. Во незгодата е причинета поголема материјална штета, а две лица се повредени.

Од неодамна, поради реконструкција на патниот правец Подмоље-Охрид, сообраќајот се одвива по стариот пат Охрид-Струга, што предизвика големи реакции во јавноста, пред се’ поради безбедноста на овој патен правец. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука