ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Драган Шојлевски: Човекот што ја озелени Македонија и е меѓу заслужните што Охридскиот регион се најде на листата светски богатства на УНЕСКО

Скопје/Охрид, 18. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Драган Шојлевски ја наслика и ја замисли Македонија зелена, чиста и уредена, но колку државата успева да ги зачува неговите визии и неговиот труд.

Дали вредеше целото озеленување на Шојлевски во Македонија за на крај да го исечат (срушат) поради цврсти градби? – прашува во објавата „Човекот што ја озелени Македонија, по него таа се одзелени“ во продукција на ВидиВака авторот Христина Ѓорѓиевска, која заедно со камерата и фотографиите на Лоран Бајрами и монтажата на Тања Рибарска споделија прекрасна сторија за едно убаво време и не потсетија на Драган Шојлевски, агроном, истакнат научник, истражувач, педагог и основоположник на современата пејзажна уметност и архитектура во Република Македонија.

Тој е меѓу заслужните и за тоа што Охридскиот регион се најде на листата светски богатства на УНЕСКО. Како прв министер во тогашното новоосновано Министерство за животна средина од 1981 година, заедно со екипа од оваа институција, ќе изготват документ со кој се конкурира за прогласување на Охрид и охридскиот регион во листата на УНЕСКО.

Проект репрезентативен парк „Горица“ со вилата „Билјана“ (1953 година)

Објава за Драган Шојлевски во весникот „Политика“ (5.11.1987 година)

„Станува збор за навистина импресивен проект за кој се рушеле карпи и далекуводи, а пошумено е тогашното голо брдо. Беше тоа подарок за Македонија, во време кога републиките се натпреваруваа во изградба на подобра резиденција.“

Вака професорот по пејзажна архитектура Стеван Милинковиќ од Белград, изјавува за весникот „Политика“ на 5 ноември 1987 година во Србија. Освен кај Милинковиќ, делата на Шојлевски со воодушевувања биле прифатени од голем број експерти и надвор од границите на Македонија.

Од бројните пејзажни дела што ги остави Драган Шојлевски, импозантно е тоа за репрезентативниот парк „Горица“ заедно со вилата Билјана во македонскиот бисер Охрид.

Паркот „Горица“ до почетокот на 50-тите години на минатиот век било брдо полно со камења. Кога Шојлевски го раскажал својот план таму да се засадат борови, ретко кој му поверувал дека тоа може да биде успешен проект.

Фотографии од репрезентативен парк „Горица“, 1953 – 1956 (приватни фотографии)

Меѓу 1953 и 1956 година се гради „Горица“, каде се засадиле 2.700 борови. Според кажувањата на неговата ќерка Камелија и сопругата Иванка, ниту едно засадено стебло на тоа каменито место не се исушило.

– Таа работа беше тешка и доста ризична, меѓутоа тој имаше големо знаење и метод како тоа да го прави, бидејќи коренот на дрвјата требаше да се заштити. Се сеќавам дека тој ги обликуваше со некои вреќи и ги ставаше во големи сандаци и потоа дрво по дрво се носеше на „Горица“, каде работници правеле големи дупки во кои дрвјата се саделе, вели Иванка Шојлевска, сопруга на Драган Шојлевски.

Планови за пренесување и садење на стеблата (приватна архива)

За проектот „Горица“, Стефанка Хаџи Пецова, професор доктор на пејзажна архитектура, воедно и соработник на професорот Шојлевски, кој на нејзината докторска дисертација се појавил и во улогата на ментор, за овој проект ќе каже дека Рекреативниот парк „Горица“ во Охрид претставува подвиг кој е на исто рамниште како изработката на пирамидите во Египет.

Вила Билјана, Охрид (приватна фотографија)

Освен за репрезентативниот парк „Горица“ и вилата Билјана, Драган Шојлевски е заслужен и за тоа што Охридскиот регион се најде на листата светски богатства на УНЕСКО. Тој како прв министер во тогашното новоосновано Министерство за животна средина од 1981 година, заедно со екипа од оваа институција, ќе изготват документ со кој се конкурира за прогласување на Охрид и охридскиот регион во листата на УНЕСКО.

Охрид, 1953 година (приватна фотографија)

Погледнете го краткиот документарен филм „Визионерот за зелена држава“

Комплетната сторија на ВидиВака за Шојлевски ОВДЕ. (Крај)

извор: vidivaka.mk фото: vidivaka.mk

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука