Избор Култура ТОП ВЕСТИ

Вечерва концерт во спомен на Климе Садило „Заборавениот звук“

Охрид, 21. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Вечерва од 20:00 часот на платото пред Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, концерт ќе одржи Чалгија саунд систем, насловен „Заборавениот звук“, а во спомен на Климе Садило.
Ќе го отсвират и отпеат репертоарот кој се слушал по охридските градски куќи и не само таму. – Сите музички сладокусци, познавачи на делото на овој генијалец, сите што го сакаат звукот на неговиот единствен звук создаден со леснотија со левата рака, сите што го препознаваат чудото на едноставноста и желбата да раскажуваат приказни, и сите кои сакаат да чујат како ние ќе го презентираме трубадурскиот дух се добредојдени, велат од Чалгија саунд систем.

Инаку, од средината на месец март, виолината од најпознатиот охридски трубадур Климе Садило е изложена во Музеј Куќата на Робевци.

Садило е роден 1881 година во Охрид. Од млада возраст се занимавал со чалгискиот занает. Најпрвин свирел со татко му, а од 1906 година ја оформил својата тајфа „Такамот на Садиловци“, подоцна преименувана во „Охридски трубадури“. Припаѓа на втората, а според некои истражувачи на третата генерација охридски чалгаџии. Во песните што ги изведувале се пеело за старите охридски семејства, правилата и нормите на живеење, традицијата и обичаите, за забранетата љубов, неостварената љубов, како и за идеалите на народот на овие простори и борбата за слобода. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука