Денеска преосветување на манастирот „Пресвета Богородица“ во Заум
Охрид, 15. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска ќе се изврши преосветување на манастирскиот храм „Пресвета Богородица Заумска“ во Заум кај Трпејца.
Од Дебарско-кичевската епархија Охрид информираат дека од 08:00 часот ќе има утрена богослужба, а од 09:00 часот ќе започне чинот на преосветување на манастирскиот храм.
Во 10:00 часот ќе започне Света Архиерејска литургија на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски, Плаошко-струшки и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј во сослужение на Митрополитот Европски г. Пимен.
За заинтересираните кои ќе сакаат да присуствуваат има организиран превоз од селото Трпејца и со бродот „Александрија 2“ од Градското пристаниште. Билети по симболична цена од 200 денари ќе можат да се набават петок после 17:00 на Градското пристаниште, а во сабота бродот тргнува во 07:00 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |