Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Полагање на ризата на Пресвета Богородица: Болни и неволни добиваа исцеление со молитва и со допир на светата риза

Охрид, 15. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го слават денот посветен на Полагањето на ризата на Пресвета Богородица во Влахернската црква во Цариград.

Во времето на царот Лав Велики (458-471), на царицата Верина и патријархот Генадиј, патуваа по Светата Земја двајцата цариградски благородници Галвиј и Кандид, заради поклонение на тамошните светости.

Во Назарет отседнаа во куќата на една вдовица Еврејка, којашто во тајна одаја ја чуваше ризата на Пресвета Богородица. Многумина болни и неволни добиваа исцеление за своите маки со молитва и со допирот на таа риза.

Галвиј и Кандид ја зедоа Светата риза и ја пренесоа во Цариград, а тоа им го објавија на царот и на патријархот. Во царскиот град тоа предизвика голема радост. Ризата беше свечено пренесена и положена во црквата Влахерна. (Оваа црква ја соѕидаа царот Маркијан и царицата Пулхерија на брегот на еден залив, наречен Влахернски, според името на некој скитски војвода Влахерн, којшто на ова место беше убиен).

Овој празник е востановен во спомен на полагањето на ризата на Пресвета Богородица во Влахернската црква. (Крај)

извор: Денешен.мк фото: Денешен.мк

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука