Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Утре е Петровден, по него Павловден, се верува дека на овој ден треба да се пазиме од пајаци

Охрид, 11. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Утре, среда, 12-ти јули е Петровден, а во четврток на 13-ти јули се празнува Павловден, празници со кои се поврзани и многу обичаи.Народни обичаи и верувања за Петровден

На празникот му претходи Петровденскиот пост чија должина зависи од празникот Велигден. Имено, овој пост, еден од четирите повеќедневни пости во текот на годината, започнува од првата недела по Духовден, а бидејќи овој празник е со непостојан датум и зависи од Велигден така и Петровденскиот пост трае различно.

Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат. Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија.

Собор на 12 Апостоли Павловден

Бидејќи претходниот ден, иако е посветен на двајцата славни Господови апостоли, сепак се вика Петровден, овој ден е одреден да се слави споменот на Светиот апостол Павле Павловден.

На овој ден именден слават тие што го носат името Павле, Пајо, Павлина и слично, иако и претходниот ден може да се сретне празнување на овие имендени, затоа што претходниот ден се празнува споменот на двајцата апостоли. Павловден, жените го држат како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работи и се пази од пајаци, да не го каснат некого. Се верува дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.

Во некои краишта, на пример во гевгелиско, народот сметал дека Павле бил брат на Петар и дека на луѓето им правел разни добри дела. Народот велел дека св. Петар бил богат и сербес, а св. Павле сиромав и добродушен. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука