ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Поради болест на обвинетиот одложено денешното рочиште од судскиот процес за случајот Пендиков

Охрид, 12. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Поради отсуство на првобвинетиот не се одржа денешното рочиште од процесот што во Основниот суд во Охрид се води по предметот по пријавеното претепување на Христијан Пендиков, поранешниот секретар на сега укинатото бугарско здружение „Цар Борис III“ во Охрид, Христијан Пендиков.

Правните застапници на одбраната до Судот доставија медицинска документација со која го правдаа отсуството на првообвинетиот Илија Спасески, кому од лекар специјалист му е одредено боледување со мирување во времетраење од најмалку 15 дена.

Јавното обвинителство од Охрид поднесе обвинителен акт против Спасески, според кој првообвинетиот во предметот се товари за извршено кривично дело „нанесување тешки телесни повреди“, на што обвинетиот се произнесе невин. Спасески во истражната постапка се бранеше со молчење.

Следното судско рочиште по предметот судијата Бојан Мартиноски го закажа за 21-ви септември.

Адвокатот Стефан Камишевски, застапник на оштетениот, по одложувањето на рочиштето изјави дека обидите за одложување на процесот кажуваат многу за самиот процес.

Нема достапен опис.

– Обвинетиот треба да биде присутен на судските рочишта и да ја докаже својата невиност. Во спротивно, претпоставувам дека ќе си наоѓа изговори да не доаѓа на судските рочишта, рече Камишевски.

Самиот Пендиков рече дека се чувствува загрозен, дека не се чуствува безбеден, дека постојано добива закани.

– Добивам закани на месинџер, на инстаграм, на социјални мрежи, закани на коментари и тоа закани дека сакаат да ме убијат, така да не се чувствувам океј. Пријавено е во полиција и пред месеци и сега, редовно пријавуваме и во ОБСЕ…Се надевам дека одиме нанапред, дека имаме поотворено мислење, не треба да се тепаме заради национално чувство. Не е добро никој да биде тепан и омаловажуван поради својата национална припадност, рече Пендиков, кој смета дека засега не му е потребна полициска заштита.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19-ти јануари во угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. По неговото лекување во Бугарија, тој доби и бугарско државјанство, кое му беше врачено од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова. (Крај)

извор: Опсервер фото: Опсервер/архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука