Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Зголемен бројот на повици до охридската Брза помош, апел до граѓаните и туристите да водат грижа за своето здравје

Охрид, 18. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Полни раце работа за докторите и сестрите во Службата за Итна медицинска помош во Охрид, високите дневни температури го зголемија бројот на повици во службата.

Повици добиваме и од помлади и од постари лица, со различна здравствена состојба, информира за Супер радио и OhridPress д-р Љупка Николоска, раководител на Итната медицинска помош.

– Зголемен е бројот на повици, многу често има колапси, кај млади и кај повозрасни лица, потоа кај лица со хронични, кардиоваскуларни, белодробни заболувања. Зголемен е и бројот на повици воопшто, за повреди на плажа, низ град, при сообраќајни незгоди, истакна д-р Николоска.

Апелира на поголема внимателност кај охриѓани и туристите, да водат грижа за сопственото здравје, да се пијат повеќе течности, да се избегнува изложеност на сонце, како кај повозрасните така и кај помладите, во најтоплите периоди од денот, од 11:00 до 17:00 часот, да се носи светла и лесна облека, капа и да се консумира лесна храна. Хронично болните лица навреме и во препишаната доза да ја земаат соодветната терапија.

Покрај ваквите состојби што се последица на жешкото време, периодов има и зголемен број на летни вируси, фебрилни состојби, со дијареа повраќање, за што д-р Николоска укажа на поголема внимателност при исхраната и посета на матичен лекар.

Од Брзата помош велат дека со истите екипи функционираат и во лето и во зима, бараат граѓаните да имаат трпени бидејќи вложуваат максимални напори да излезат во пресрет со кадар и опрема и навремено да интервенираат. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука