ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Култура Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

360 Степени: Мистериозниот камен-споменик од „Св. Наум“ примамлив за меѓународната научна јавност

Скопје/Охрид, 18. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – На насловната страница во меѓународното научно списание „Студиа митолоџика славика“ (Studia Mythologica Slavica), во издание на Словенечката академија на науките и уметностите, се најде научен труд за мистериозен камен-споменик што се наоѓа во дворот на манастирот „Св. Наум“ во Охрид, јави 360 степени.

Трудот е напишан од страна на Никос Чаусидис и Игор Ефтимовски, едниот професор по археологија на Филозофскиот факултет во Скопје, а другиот негов докторанд. Според содржината на трудот, споменикот бил откриен случајно при реконструктивни градежни зафати на манастирските конаци, секундардно вграден во некој од нив. Оттогаш тој се наоѓа во дворот на манастирот привлекувајќи ги посетителите, како и авторите на трудот, со својот уникатен изглед.

– Научниот труд го претставува и го анализира овој споменик од различни перспективи, вклучувајќи ја неговата иконографија, функција и значење. Според неговите стилски особености, разгледани се повеќе можности за негова датација од предисторискиот, античкиот, раносредновековниот или нововековниот период – дилема што го наметнува неговото вонконтекстуално откритие. Меѓутоа, се чини дека неговата оригинална функција била поизвесна: како религиски идол посветен на некое паганско божество, но евентуално инкорпориран и реинтерпретиран во христијанскиот контекст на манастирот, наведуваат авторите на трудот.

Списанието во кое е објавен трудот третира теми од религиското наследство на словенските и другите европски народи, а на камен-споменикот од „Свети Наум“ е посветен првиот труд од новиот број на 79 страници. (Крај)

извор: 360stepeni.mk фото: 360stepeni.mk

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука