Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Здружение „Храбро срце“: Сочувство до семејството на донорот, секоја чест за медицинскиот персонал, не ја губиме надежта

Охрид, 20. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од Националното Здружение на пациенти со механичка циркулаторна потпора на работата на срцето и нивните поддржувачи „Храбро срце“ изразуваат најсикрено сочувство до семејството на донорот, а на пациентите кои ги добија органите им посакуваат побрзо закрепнување, откако денеска за прв пат во историјата на македонското здравство, од еден дарител беа експлантирани четири органи во еден акт.

– Секоја чест и за целокупниот медицински персонал што ги извршува трансплантациите. Пациентите од НЗ „Храбро срце“ не ја губат надежта дека во скоро време, по долги години чекање, и тие ќе добијат втора шанса за живот, стои во пораката.

Воедно, уште еднаш го споделуваат апелот за логистичка поддршка од македонската Влада за обезбедување транспорт.

– Имаме неопходна потреба од дополнителна логистичка поддршка – да се обезбеди и да се плати превозот на тимот за трансплантација од странство за да може да пристигне во Македонија, во рок од три часа од моментот кога ќе има достапен орган за трансплантација за LVAD/BIVAD пациент, потенцираат од „Храбро срце“.

Еден донор утрово спаси четири животи. За прв пат во историјата на македонското здравство, од еден дарител беа експлантирани четири органи во еден акт.

– Благодарение на хуманоста на едно семејство, нивната љубов, добрина и емпатија која ја носат во себе, рано утрово ново срце почна да чука во градите на 40 годишен пациент од Скопје. Нова шанса за живот и црн дроб доби пациент со хронична црнодробна болест, а двајца пациенти на дијализа во текот на денот ќе добијат бубрези. Дополнитено шанса за поквалитетен живот наредниве денови ќе добијат пациенти со коскени заболувања. Горди сме на секој нов успех во македонското здравство, информираат од ресорното министерството. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука