Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Свети маченици Кирик и Јулита и Свети Владимир Киевски

Охрид, 28. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Светата православна црква денес го одбележува поменот на светите маченици Кирик и Јулита и поменот за Светецот Владимир Киевски.

Свети Владимир Киевски на крштението наречен Василиј. Син на кнезот Свјастослав, а внук на Игор и Олга. Најпрво беше незнабожец, и според верата и според животот. Кога дозна дека постојат други вери, почна грижливо да испитува која од нив е најдобра. За ова испрати делегација во Цариград. Кога пратениците се вратија, му соопштија на кнезот дека биле на служба во Православната Црква во храмот на Света Софија и дека биле „надвор од себеси не знаејќи дали се на небото или на земјата“. Тоа го поттикна Владимир да се крсти и да го крсти својот народ. Главниот идол Перун беше симнат од Киевскиот Рид и фрлен во реката Дњепар. Кога ја прими христијанската вера, Владимир совршено го измени својот живот и сиот труд го вложуваше совршено да ги исполнува заповедите на оваа вера. Нареди насекаде по државата да се ѕидаат цркви наместо урнатите идолишта, а самиот ѝ изгради прекрасна црква на Пресвета Богородица во Киев.

Црквата беше подигната на истото место каде што порано за Христа маченички пострадаа Свети Теодор и неговиот син Јован (под 12 јули). Со истиот оној непоколеблив напор со којшто порано го штитеше идолопоклонството, Светиот кнез Владимир потоа го распростре христијанството. Се упокои во Господ во 1015 година.

Денешниот ден е посветен на Светите маченици Кирик и Јулита.

За време на римскиот цар Диоклецијан кога бил извршен жесток прогон на христијаните настрадала и светата маченица Јулита со својот петгодишен син Кирик. Јулита рано останала вдовица и живеела во градот Иконија. Кога месниот владетел Александар разбрал дека Јулита станала христијанка ја повикал и најпрвин со убедување се обидел да ја поврати во многубоштво. Но кога во тоа не успеал ја уценил со нејзиниот син. Тогаш Јулита се уплашила но синот и дал знак да не се откажува од вербата во Христа поради што разбеснетиот владетел со нога го турнал од вториот кат и детето на место останало мртво. Потоа Јулита била мачена и со меч и била отсечена главата. Тоа се случило во 296 година.

Дел од моштите на Светите маченици Кирик и Јулита беа чувани како вредна реликвија во црквата Света Богородица Болничка во Охрид која датира од 14 век, но исчезнаа во кражба која се случи во мај 2006 година. (Крај)

извор: МПЦ-ОА фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука