Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Мишковиќ: Лекот за третман на хепатитис Ц да се стави на позитивната листа, 2-3 % од населението во земјава се соочува со хроничен хепатитис Б, околу 1% со хепатитис Ц

Охрид, 30. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Лекот за третман на хепатитис Ц да се стави на позитивната листа, последниве години терапијата е редовна, но ќе треба постепено да се зголемува, ова беше потенцирано на денешниот настан во Охрид, по повод одбележување на Светскиот ден за борба против хепатитисот.

Во тек е изработка на регистарот на пациенти заболени од хепатитис, а некои досегашни податоци покажуваат дека помеѓу 2 и 3 проценти од населението во нашата земја се соочува со проблемот на хроничен хепатитис Б, додека околу 1 процент со хроничен хепатит Ц.

Охриѓани и туристите се едуцираа за болестите на црниот дроб, а можеа да направат испитувања на еластограф, неинвазивен апарат за детекција на оштетувањата и лузните на црниот дроб, како и бесплатен анонимен тест за хроничен хепатитис Б, Ц и ХИВ.

Настанот беше организиран од министерството за здравство, во соработка и партнерство со „Хепар Центар“ Битола и Здружението за ретки болести „Ретко е да си редок“ од Охрид, Универзитетските Клиники за гастроентерохепатологија, инфективни заболувања, дигестивна хирургија, онкологија и интервентна радиологија.

Преку мултидисциплинарниот пристап ги разгледуваме сите можни опции да ги „нападнеме“ овие болести од повеќе аспекти, потенцира Милан Мишковиќ, од „Хепар центар“ Битола.

– За прв пат во нашата земја успеавме да добиеме најсовремен еластограф. Во одредени земји заменува биопсија каде дава одлични резултати да се види до кој степен е оштетувањето на црниот дроб, дали има одреден степен на фиброза, цироза и карцином. Овој апарат е брз, прегледите се вршат за 3-4 минути, резултатите се готови за помалку од две минути. Ова носи можност да можеме да направиме нешто повеќе за овие пациенти, рече Мишковиќ.

Додаде дека мултидисциплинарната група што функционира веќе година и пол направи уште еден исчекор со формирање на првиот црнодробен центар во нашата земја, опремен со најсовремени апарати.

– Имавме доанација на апарати, опремување на центарот, имаме можност покрај еластографот, ехо кардиографија, а има и сосема нов апарат за рана детекција на црнодробниот карцином. 90 % од можностите во однос на заболувањата на црниот дроб се стационирани во тој црнодробен центар.
Нашата цел е што повеќе децентрализираните медицински установи да имаат можност да го запознаат тој центар и да ги препраќаат сите пациенти кои ќе бидат детектирани со некаков црнодробен проблем. Ова е голема можност Македонија да направи исчекор во борбата против овие заболувања, вели Мишковиќ.

Потенцира дека како организација се задоволни бидејќи во сите сегменти на црнодробните заболувања е добиено по нешто, што е уште еден предизвик да продолжат заедно со институците да направат многу повеќе. Мишковиќ истакна дека ќе има потреба од постепено зголемување на терапијата за хепатитис Ц, со оглед на тоа што се откриваат нови пациенти.

– Со оглед на ковидот и големиот застој има индикација дека има згоелмување на бројката, но од друга страна имавме терапија. И во самото време на ковид се направија чекори да има терапија. Последниве неколку години добиваме редовно терпија и можеме да ги третираме, но со самите тестирања и скрининзи што се вршат се откриваат нови пациенти па изгледа постепено ќе имаме зголемување и во овој дел на терапија. Моментално ни недостига и интензивно се преговара со министерството и Владата, што побрзо на позитивната листа што беше најавена овој лек да биде ставен. Лекот не е скап, но е од животно значење за оваа група пациенти за да не развијат посериози заболувања како цироза или црнодробен карцином, истакна Мишковиќ.

Изминатиов период издејствувано е да се добие најновата имунолошка терапија за црнодробниот карцином на Клиниката за онкологија, а црнодробниот карцином е ставен во програмата за малигни заболувања. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука