ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Една година Охрид го има дигиталниот паметен споменик „Хомер“, спој на вештачка интелигенција и виртуелна реалност

Охрид, 10. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Помина една година откако на плоштадот на уметноста „Долна Порта“ во центарот на Охрид, беше промовиран дигитален паметен споменик кој ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите на древниот Охрид.

Воскреснувањето на Григор Прличев преку алхемијата на најновите технологии е дело на проф. д-р Анис Сефиданис и Друштвото за истражување и развој „Сефиданис“ од Охрид и ни овозможува синхроно да ги спознаеме културата и технологијата, минатото и иднината, во непосредна интеракција со дигиталната свест на Вториот Хомер. Станува збор за најсовремен производ кој е дел од новата Digital Humanities парадигма за новите, „паметни“ градови на иднината.

– Холографската технологија, тродимензионалниот мултимедијален интерфејс и просторната звучна акустика го потопуваат виртуелниот аватар на поетот во срцето на неговиот роден град. Иновативниот систем кој е изработен од страна на компанијата „Сефиданис“, што неодамна потпиша меморандум за стратешка соработка со Општина Охрид, покрај останатото, вклучува и технологија за препознавање на говор на македонскиот јазик, како и високо реалистичен приказ на живописен аватар кој го претставува Прличев, синхронизиран со говор кој ги отелотворува стиховите и емоциите на поетот преку уникатниот глас на актерот Стрезо Стаматовски. Снимањето и процесирањето на тродимензионланиот просторен аудио материјал го изработи Сашо Митан, заедно со својот тим на Супер Радио Охрид. За охридските посебности во македонскиот јазик ни помогнаа господата Владо и Филип Ангеличин- Жура. На машинската конструкција која користи електо мотор, лед панели и бројни вмрежени компјутери за процесирње на податоците, несебично работеа двајцата мешински инженери Томе Скендеровски и Џезо Сефиданоски, а на автоматиката работеше магистрантот по роботика Павел Тасков, порача тогаш проф. д-р Сефиданис.

За виртуелниот модел на ликот биле користени оригинални фотографии, автентични скулптури, кои се обработувале со помош на напредни методи на машинска интелигенција за реконструкција на виртуелни карактери.

Паметниот споменик е достапен за комуникација во текот на целиот ден и ноќта, на самиот влез од стариот дел на градот.

Проф. д-р Анис Сефиданис предава на Факултетот за применети информатички науки, машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Тој е автор на четири книги од областа на IT, меѓу кои „Препознавање на облици со помош на вештачка интелигенција“ и основач на Центарот за вештачка интелигенција кој во нашата држава го донесе првиот Суперкомпјутер на компанијата NVIDIA. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука