Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Шајн: Модуларната болница во Охрид подолго време не е во функција, се појави кондензација и треба да се санира покривот (Фото/Видео)

Охрид, 17. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Модуларната болница во Охрид не е во функција веќе подолго време, вели за Супер радио и OhridPress директорот на Општата болница во Охрид Асен Шајн, кој додава дека оваа состојба ја затекнал и кога дошол на функцијата.

– Истата е затворена поради појава на кондензација. Треба да се санира покривот и да се пренамени, за да може да ја користи Општата болница. Во зависност од потребите, може да се користи како амбуланта или нешто слично. Во план е да се санира. Најважно е дека модуларната болница си ја заврши работата кога тоа беше најпотребно, додава Шајн.

Монтажните болници кои беа изградени во 2020 година за време на Covid-19 пандемијата деновиве се повторно во центарот на вниманието на македонската јавност, откако Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) го објави документарниот филм „Убиство во Тетово“ со нови документи за пожарот во модуларната болница, по што од ЈО излегоа со став дека се „манипулира со информации“. Најголемиот дел од болниците ширум државата се под клуч, некои се користат како дневни болници, трети за привремено сместување на пациенти додека се реновираат болничките капацитети.

Изградени се во 16 градови во земјата како ковид-центри со цел да се подготви здравствениот систем за најавениот бран на зараза со новиот вирус, а од друга страна да не се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти. Вакви монтажни објекти беа изградени онаму каде веќе постојат општи болници и здравствени домови: Охрид, Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Велес, Тетово, Штип, Битола, Ресен и Прилеп.

Стануваше број за дополнителни времени капацитети. Дел од болниците во меѓувреме ја средија документацијата, па од времени ваквите објекти станаа трајни, поради што се планира во иднина тие да се користат за друга намена. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука