ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Николоски: Критиките за романот „Надеж“ се позитивни и восхитувачки, на 15-ти септември ќе биде промовирана англиската верзија (Фото/Видео)

Охрид, 22. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во јули минатата година, во Градската библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, се одржа охридската промоција на романот „Надеж“ од Ване Николоски, наш автор кој живее во Австралија, писател и голем вљубеник во природата и својот Охрид.

Годинава тој го промовира романот и во неколку македонски градови. Во интервју за Супер радио и OhridPress, Николоски открива колку е задоволен од одзивот кај читателската публика, а поразговаравме и за англиската верзија на романот, што наскоро треба да биде промовирана во светски рамки.

Супер радио: Има повеќе новитети кај вас од нашето претходно интервју. Лани одржавте охридска, а годинава имавме македонска промоција на романот „Надеж“. Пренесете ни ги вашите впечатоци.

Николоски: Точно така. Минатата година промоцијата ја одржав на 13-ти јули тука во Охрид и веднаш потоа заминав низ неколку градови од нашата држава. Ја посетив Битола, остварив средби со луѓето од тамошната библиотека и со книжарниците и остварив соработка, потоа истото го направив и во Прилеп, следеше посета на Штип и уште една соработка, а бев и во Скопје. Оваа година сакав да ја продолжам македонската промо турнеја, се обидов да посетам што повеќе градови. Беше прекрасно. Почнав од Ресен, ја посетив библиотеката, бев прекрасно примен, продолжив за Кавадарци, таму луѓето во библиотеката и книжарниците ме примија срдечно и многу сум задоволен од приемот, потоа, како што води патот, отидов во Неготино, па заминав за Велес, таму ќе мора повторно да одам бидејќи не се сретнавме со претставници на библиотеката, но се сретнав со луѓе од книжарниците. Го посетив Скопје, како поголем град треба повеќе време, но сепак успеав да остварам средба со луѓето од Библиотеката „Браќа Миладиновци“. Имав читано дека тие ги промовираат македонските автори, во што и се уверив. Таму влезе во систем и веднаш веќе почна книгата да се позајмува. На крај, секогаш ми беше желба да го посетам Кратово, интересно гратче, има некој македонски шмек, таму прекрасно ме примија и беа задоволни, бидејќи ретко некој ги посетил или им подарил примероци во библиотеката. Морам да напоменам дека во Битола каде бев и годинава, имам прекрасна соработка со Book’s house, таму одржав средба со читателите, таму веќе се чита книгата. Бев пријатно изненаден, посетеноста беше голема, имаше околу 50-на читатели и тоа беше всушност заокружување на турнејата.

Супер радио: На какви критики за романот наидовте во овој изминат период?

Николоски: Сите критики се позитивни и восхитувачки, јас тоа и го очекував. Оние кои успеаа да ме контактираат се задоволни од приказната и ме прашуваат дали би пишувал второ продолжение, што на некој начин ме инспирира вистински тоа да го направам.

Супер радио: Покрај македонската, романот доби и англиска верзија. Збор два за издавачот, кога ќе се случи промоцијата и на кој начин ќе се одвива?

Николоски: Мојот син беше задолжен за да пронајде издавач. Лани овој период, за кратко време луѓето веднаш го контактираа мојот син и понудија соработка, беа воодушевени од приказната и независно што сум македонски автор и романот е преведен од д-р Наташа Гере, тие беа подготвени да ризикуваат со маркетинг страна, но потпишавме соработка, така што романот излегува на 15-ти септември на англиски јазик. Издавачката куќа се вика Austin Macauley, тие имаат седиште во Лондон, канцеларии во Њујорк, во арапските земји, Канада и Сиднеј ќе отвораат наскоро, така што тие го покриваат речиси цело англиско говорно подрачје и книгата ќе биде достапна на сите платформи, со сите кои имаат соработка. Инаку тие веќе ја отпочнаа промоцијата, така работат. Живееме во време на агресивен маркетинг, така што тие веќе ја почнаа маркетинг кампањата, треба сега и јас да се вклучам. Кога ќе излезе книгата тие продолжуваат со промоцијата, маркетингот.

Супер радио: Што е следно и што можат да очекуваат од вас читателите?

Николоски: Моментално сум концентриран да се вклучам во кампањата за промоција на англиската верзија на „Надеж“, морам да бидам активен на сите платформи, да пронајдам соработка со локалните библиотеки, книжарници во Мелбурн каде живеам и се надевам дека таму ќе имам поддршка. Инаку јас веќе почнав да го пишувам второто продолжение на романот, ќе се обидам да биде продолжение на приказната, но сепак и да биде како независна книга, па така ако некој не го има прочитано првиот, да можат слободно да влезат во приказната и се надевам дека тоа ќе гоисполонам. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Be 1 Digital Marketing

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука