Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Денеска охридска промоција на „Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе)“ од Александра Спасеска

Охрид, 29. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во издание на ПНВ Публикации, вечерва, во кафе и бар Shilla во Охрид ќе се  одржи промоцијата на стихозбирката „Прости песни [на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе]“ од Александра Спасеска.

Модераторка на настанот кој ќе започне во 18:00 часот ќе биде поетесата Долорес Атанасова- Лори, којашто во освртот кон книгата ќе истакне:

„’Прости песни‘ во себе го носи гласот на авторката Александра Спасеска, што се јавува како на сон или во мигови на длабоко, мисловно вникнување, и нѐ води низ лавиринтите на она што е таа-жената, лавиринтите на чезнеењето по другиот, таа е гласот што ја исцртува мапата на интимни патувања во себе, длабоко во нејзиниот свет.“

Додека, пак, во поговорот поетесата Снежана Стојчевска ќе истакне:

„Со оваа книга Спасеска го продолжува везот на проста и строга македонска песна, ткаена од копнеж и болка и успева да изгради музеј на болката“.

Дебитантската стихозбирка на Спасеска содржи шеесетина песни поделени во три циклуса: „Писма до неа“, „Песни за неговата песна“ и „Земање збогум“. По успешната промоција на „Прости песни“ на Саемот на книгата 2023, и распродадено прво издание за само 13 дена, како и одличното претставување пред домашната публика во Прилеп, авторката, новинарка и преведувачка Спасеска ќе ја претстави „Прости песни“ во Охрид, за кој вели дека е нејзиниот „судбински град“.

Александра Спасеска (1984, Кавадарци) дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност при УКИМ. Работела во дневниот весник „Вест“ речиси до неговото згаснување, а во моментов е заменичка на главниот уредник во „Кајгана Медиа“. Таа е дел од тимот на Дијалог – Центар за делиберативна демократија, пишува за феминистичката платформа „Медуза“ и е со-координаторка на македонскиот огранок на организацијата „Модна револуција“. Авторка е на блогот „Александрина Везилка“. Нејзини песни се застапени во „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, приредена од Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска, што беше промовирана на 35. Поетска ноќ во Велестово, а нејзиниот втор поетски ракопис „Координати на болката“, влезе во потесниот избор за наградата „Антево перо“ за 2023 година и се закити со признанието „Антев златник“. Нејзината поезија била објавувана и во неколку онлајн изданија, печатени антологии и книжевни списанија. Застапена е во печатеното издание на книжевниот зборник The San Antonio Review од Сан Антонио, Тексас (САД). Учествувала на повеќе поетски читања. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука