Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Св. Јоаким Осоговски

Охрид, 29. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Православната црква денес го одбележува празникот посветен на Св. Јоаким Осоговски.

Тој бил еден од македонските светители, кој се подвижувал во Македонија во XI век. Според преданието, бил соподвижник на светите Прохор Пчински, Гаврил Лесновски и Јован Рилски.

Житието на свети Јоаким Осоговски сведочи дека тој се угледал на Игнатиј Богоносец „упатувајќи се како ѕвезда многусветла од запад кон исток, дојде во областите на планините Осоговски“. Пустиножителството Свети Јоаким го започнал во селото Градец, во Осоговскиот крај, а потоа засекогаш се населил во една пештера во местото Бабин Дол во близината на Сарандапорската река, каде што останал до крајот на животот. Житието на овој светец сведочи дека педесет години по неговата смрт на местото каде што почивале неговите мошти бил ставен камен темелник на манастир што го носел неговото име.

Бил наречен Сарандапорски поради местото каде што живеел. Бил многу почитуван за што сведочи и неговата служба датирана во XIII век. Во непосредна близина на Крива Паланка се наоѓа големото македонско светилиште, манастирот Свети Јоаким Осоговски, кој бил основно светилиште на неговиот култ независно од црковните и политичките услови низ кои минел осоговскиот крај. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука