Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Откриена спомен плоча на 6-та пешадиска бригада на АРМ во касарната во Охрид

Охрид, 7. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – На пригодна свеченост, вчера во поранешната касарна во Охрид, беше откриена спомен плоча на 6-та пешадиска бригада на Армијата на Република Македонија (АРМ).

Во присуство на генералот во пензија и актуелен пратеник во Собранието на Република Македонија Илија Николовски, воедно и претседател на воените ветерани и резервисти на Република Македонија, на генералот во пензија Филип Котели, претседателот на Сојузот на борци од Охрид, Гоце Георгиевски, претставници на СВР Охрид како и на повеќе актуелни и поранешни припадници на единицата, за развојниот пат на 6-та пешадиска бригада, зборуваше полковникот во пензија и претседател на Здружението на ветераните и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија-огранок Охрид, Добре Велјаноски.

Тој, во името на ветераните, за посебен придонес во формирањето на 6-та пешадиска бригада, постхумно му додели благодарница на првиот командант на Гарнизонот на АРМ во Охрид, полковникот Јосип Хајба, а делегација на ветераните, положи свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште.

Благодарница за посебен придонес во формирањето на 6 пешадиска бригада, му беше доделена и на тогашниот заменик на командантот, полковник во пензија, Павле Момироски како и на градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, за искажаната помош и поддршка за отворањето на спомен собата на 6-та Македонска народно-ослободителна бригада, лоцирана во охридската касарна. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука