Култура

Претставата „Многу врева за ништо“ вечерва на Охридско лето

Охрид, 22. јули 2015 (ОХРИДПРЕС) – Вечерва во рамките на Охридско лето ќе се прикажува претставата „Многу врева за ништо“ во дворот на ОУ „Свети Климент Охридски“, а со почеток во 21 часот.

„Шекспировата смеа е без злоба, како нежен дожд што ја чисти атмосферата и охрабрува и зајакнува; неговата комедија час лудување и шегување, час исмевање на глупавите недоразбирања или фанатична перверзија, час остроумна духовитост, час израз животна радост и воодушевување на убавината човечка, е комедијата за која Хајне вели дека е маѓепсана градина, во која се зборува на јазик што може да се научи само во сон или во раното детство – дали најпосле ја откривме тајната?”, пишува за претставата Хуго Клајн.

– Нашата претстава е конструирана како сон во кој треба да се спаси заедничката љубов – венчавањето како духовно и емотивно спојување на лица и победата на хармонијата над хаосот, објаснува режисерката Ана Ѓорѓевиќ.

Ана Ѓорѓевиќ е родена во Белград на 7.8 1977 година. Драмска режија и радиорежија, дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Белград. Од првата професионална претстава до денес режирала повеќе од 20 претстави во својата земја и надвор од неа. Автор е и коавтор на голем број драматизации и авторски текстови, а за некои од нив и добитник е на голем број награди од 2008 година до сега. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука