Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Започна осмата сесија на Охридската школа на природно право

Охрид, 25. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Центарот за стратегиски истражувања Ксенте Богоев“ при МАНУ, со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје, од денес во следните пет дена во Охрид се одржува осмата сесија на Охридската школа на природно право, на тема „Препознавање и разбирање на организираниот криминал и корупцијата во контекст навладеење на правото“, на која учествуваат 20 постдипломци и 5 докторанти од државните и приватните факултети во Република Македонија.

На отворањето на сесијата се обрати министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој, честитајќи им на организаторите и посакувајќи им успешен едукативен процес на студентите, рече дека овие школи се исклучително важни, затоа што секогаш нудат можност да се слушне нешто поразлично и дополнително во контекст на студиските програми кои се изучуваат на факултетите.

– Верувам дека тука ќе стекнете многу нови знаења од еминентни предавачи, кои ќе ви помогнат да бидете уште подобри правници, успешни во примената на новините и она што е тема на школата – полесно да препознавате и да се справувате со организираниот криминал и корупцијата, рече Шаќири, обраќајќи им се на учесниците на школата.

Тој ги советуваше студентите да продолжат да се водат по концептот на доживотно учење и да прифаќаат вакви дополнителни едукации, затоа што, како што рече, образованието е процес кој трае засекогаш, а не чин кој завршува во одреден момент и со стекнување на една диплома. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука