Избор Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Започнува Крапскиот куп „Охрид крап 2023“

Охрид, 5. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Здружението на рекреативни риболовци, Спортски клуб „Св. Апостол Петар“ од Охрид, организира Крапски куп „Охрид крап 2023“, кој ќе се одржи од денеска, 5-ти до 8-ми октомври 2023 година на Охридското Езеро.

– Право на учество имаат сите екипи од Република Македонија кои благовремено ќе се пријават. Екипите да бидат составени од најповеќе 4 члена, 2 натпреварувачи, 1 резервен натпреварувач и 1 капитен. Патеката ќе биде на Охридското Езеро, од месноста „Даљан“ преку Извидничкиот кап, до месноста „Градинар“. Дозволен е улов само на видот „крап“. Примероците на крап со помала тежина од 1 килограм нема да се бодуваат. Дозволена е употреба само на крапски прибор за риболов со олово на дно. Задолжително е ловење на влакно (мамецот да се монтира на конец а јадицата да остане празна). За мамец може да се користи само боила и пченка. Забрането е користење на живи мамци. Забрането е монтирање на хранилки на системот.
Дозволена е носење на повеќе риболовни трски. За лов се користат максимално 4 риболовни трски.
Задолжително е носење на минимум 4 крапски сака (вреќи за чување на рибата), кепче за прифаќање на рибата и душек за одлагање на истата. Тешка прихрана е дозволена во времето од 08:оо до 17:оо часот.
Натпреварот ќе се одржи согласно Правилникот за организирање на натпревари во спортски риболов во Република Македонија и Правилата за натпревари во дисциплината „Крап“. За учество на натпреварот се плаќа котизација од 4.000 денари по екипа, ги соопштуваат правилата организаторите.

Пријавувањето за учество на Купот беше до 2-ри октомври 2023 година, а котизацијата ќе се плаќа при доаѓањето на местото на натпреварот.

– Бројот на натпреварувачки места (боксови) е ограничен. Право на учество ќе имаат екипите кои први ќе се пријават. За трите првопласирани екипи ќе се доделат пехари, медали, дипломи и парични награди (во зависност од бројот на пријавени екипи), потенцираат од Спортскиот клуб „Св. Апостол Петар“ од Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука