Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Започна годинешното одбележување на 11-ти Октомври, Денот на народното востание

Охрид, 10. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со свечена седница која се одржа во големата сала на Општина Охрид, Општина Охрид го започна одбележувањето на 11-ти Октомври, Денот на народното востание.

– По повод одбележувањето на 82-годишнината од 11-ти Октомври, Денот на Народното востание, денеска во Општина Охрид се одржа Свечена седница со која оддаваме почит на сите славни херои кои ги поставија темелите на новата Македонска држава и го реализираа многу вековниот стремеж на Македонскиот народ. За многу одлуки во животот потребна е храброст. Но, најголема е храброста да се задржи своето и подготвено и достоинствено да се одговори на предизвициите кои ги носи иднината. Нам ни е потребна онаква храброст каква што во себе содржи тој 11-ти Октомври, датумот кој го насочи текот на историјата, поставувајќи ги темелите на идниот националниот развој. Затоа овој датум останува симболот на непокорот на Македонскиот народ и вечна инспирација за генерациите кои доаѓаат. Да го почитуваме и чествуваме уште многу години, порача во своето обраќање градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.

Свое обраќање за значењето на овој голем празник пред присутните имаше и претседателот на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, Гоце Георгиески, кој истакна дека благодарение на пожртвуваноста и храбрите борци на народноослободителната и антифашистичка борба денес живееме во слободна и независна Македонска држава која била сон на многу генерации.

– Сега кога имаме самостојна Македонска држава, кога ја имаме долго очекуваната слобода нашата најголема одговорност е да не дозволиме нивните жртви да станат залудни. Наша света должност е да ја сочуваме тешко стекнатата слобода и да продолжиме да се бориме за правата на сите свои граѓани, пред се правото на сопствен индентитет, јазик, историја, култура и достоинствен живот во Република Македонија како дел од обединета Европа. Само заеднички, решително и сложно, единствени и обединети можеме и мораме да и бидеме од поголема корист на татковината. Ние немаме резервна татковина, имаме само една држава, добиена со крвта на најдобрите синови на Македонија. Нека овој голем ден ни биде патоказ и нам и на генерациите по нас да ја чуваме слободата, сувереноста и независноста на нашата татковина Македонија, рече Георгиески.

Свечената седница беше збогатена со културно културно-уметничка подготвена од учениците на ООУ „Свети Наум Охридски“ од Пештани и Хорот и оркестарот при гимназијата „Св. Климент Охридски“.

Утре ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен-обележјата од НОБ во Градскиот парк, пред зградата на Основен суд во Охрид, во училишниот двор на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ и на Градските гробишта. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука