ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Република Македонија го одбележува 11-ти Октомври, Денот на востанието против фашизмот

Скопје/Охрид, 11. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со прославувањето на Денот на народното востание на македонскиот народ, денеска се одбележува почетокот на востанието против фашизмот, односно борбата за ослободување на македонскиот народ.

По фашистичката агресија и окупацијата на Југославија во 1941 година, Македонија повторно е поделена, овојпат помеѓу италијанскиот и бугарскиот фашистички окупатор.

И пред 11-ти октомври 1941 година постои вооружен отпор против окупаторот. Така, на 8-ми септември Лазо Колевски убива бугарски стражар кај Богомилскиот тунел, истиот ден во Скопје Боро Петрушевски убива бугарски војник, на 7-ми октомври во Скопје е извршен обид за убиство на агентот Мане Мачков, во кој загинува Благоја Деспотовски- Шовељ, а на 8-ми октомври Трајко Бошкоски- Тарцан, пробивајќи се низ непријателскиот обрач во Прилеп, убива еден непријателски полицаец.

Денеска се празнува 11 Октомври – Денот на народното востание – Лидер

За почеток на востанието против фашизмот во Република Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршува во Прилеп на 11-ти октомври 1941 година. Во нападот учествуваат 16 партизани, распределени во три групи. Првата го напаѓа полицискиот участок, втората затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.

На 12-ти октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот партизански одред. При првите судири со бугарската војска овие партизански одреди биле разбиени. Карадачкиот одред е разбиен на 14-ти октомври, а Козјачкиот одред на 17-ти октомври. Скопскиот партизански одред, формиран веќе во август, не зема учество во овие настани, бидејќи борците не биле известени. Иако активноста на овие први партизански одреди е скромна, таа претставува иницијална каписла за продолжување на борбата.

Општина Охрид и ОО на Сојуз на борци на Охрид и Дебрца и годинава со пригодни свечености ќе го одбележат 11-ти Октомври, Денот на народното востание. Во големата општинска сала вчера се одржа свечена седница на која се обрати градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков и претставник на Општинската организација на Сојузот на борците на Охрид и Дебрца.

Денеска ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен-обележјата од НОБ во Градскиот парк, пред зградата на Основен суд Охрид, СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ и кај Градските гробишта. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука