Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Точков: Тече пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип, аплицирањето ќе почне во втората половина на месецов

Охрид, 13. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во тек е пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип.

Граѓаните кои спаѓаат во петте ризични категории: лица постари од 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години ако сакаат да се заштитат од сезонскиот грип со вакцина, можат да се пријават електронски на порталот vakcinacija.mk со пополнување на пријавата и ќе добијат потврда дека се успешно пријавени, а потоа и термин за примање на вакцината.

Вакцинацијата ќе започне во втората половина на месец октомври, а ќе се врши во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ). Директорот Сашо Точков во изјава за Супер радио и OhridPress вели дека нивните екипи се подготвени и ги охрабрува оваа категорија граѓани да се пријават.

– Како и секоја година овој период очекуваме да дојде несаканиот гостин, грипот. Центарот за јавно здравје Охрид е подготвен со своите екипи, епидемиолошки и на лекари и сестри да ја спроведе вакцинацијата против сезонски грип. Вакцините се пристигнати во Македонија и ги поминуваат задолжителните процедури на фармацевска контрола. Граѓаните навремено ќе бидат информирани кога точно ќе се почне со вакцинација. Пријавувањетооди преку порталот vakcinacija.mk, значи нема потреба да се оди на матичен лекар. Со пополнување на пријавата ќе добијат потврда дека се успешно пријавени. За терминот за примање на вакцината ќе добијат порака, СМС или на мејл со точниот термин и тогаш треба да се јават во амбулантата на ЦЈЗ во Охрид, Струга и Дебар, каде ќе им биде аплицирана вакцината, вели Точков.

Започнува бесплатното вакцинирање против сезонски грип во Охрид

Тој додава дека производител на висококвалитетната четиритипна вакцина е Abbot biological од Холандија, вакцините се InfluvacТetra.

Точков истакна дека и годинава ќе има и комерцијални вакцини за заштита од сезонски грип, цената сѐ уште не е одредена од страна на Министерството за здравство, се очекува да биде околу 600 денари, но сѐ уште нема конечна информација.

Сите кои ќе сакаат да се вакцинираат со комерцијална вакцина, тоа ќе може да го направат секој ден од кога ќе почне вакцинацијата во период од 08:00 до 14:00 часот во амбулантите на ЦЈЗ, при што нема потреба за пријавување.

Вакцинирањето и со бесплатни и со комерцијални вакцини ќе започне во ист ден, за што јавноста ќе биде навремено информирана. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука