Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Охридскиот дел од кампањата „Ние сме Европа“ ќе се одржи во среда во Охрид

Охрид, 13. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Откако поради итни и неодложни обврски на заменик претседателот на македонската Влада задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ беше одложена трибината во Охрид, како дел од кампањата „Ние сме Европа“, истата ќе се одржи во среда, на 18-ти октомври 2023 година во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 18:00 часот.

На отворената трибина ќе се обратат Бојан Маричиќ, Вицепремиер за европски прашања, Каја Шукова, Министерка за животна средина и просторно планирање, Грегор Прескер Амбасадорот на Република Словенија и Љупчо Јаневски директорот на агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

– Темата на овој настан е членството во ЕУ од аспект на развојот на туризмот и бенефитите од инвестициите во ивотната средина, информираат организаторите.

Во рамки на напорите на Владата на Република Македонија, за исполнување на стратешката цел – полноправно членство во Европската Унија, Секретаријатот за европски прашања како дел од кампањата „Ние сме Европа“ организира серија настани во повеќе градови низ државата, под мотото „Саем на европски вредности“.

– Настаните се од информативен карактер и имаат за цел да го продлабочат дијалогот со граѓаните за можностите и придобивките кои ги нуди пристапувањето и членството во ЕУ. Кампањата „Ние сме Европа“ предводена од Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, се реализира во 8 градови низ државата и тоа: Охрид, Битола, Куманово, Штип, Скопје, Струмица, Тетово и Прилеп, во рамки на што се организираат трибини и средби со граѓани, кои соодветно за секој од градовите, обезбедуваат информации и отвораат точки за дискусија на неколку теми и тоа: инфраструктура, култура, енергетика, туризам, економија, млади, земјоделство и социјала. Активностите во секој од градовите ќе вклучуваат и посета на локалитет од значење за конкретниот град. Секретаријатот за европски прашања и Владата на Република Македонија ги афирмираат и промовираат европските вредности, во време на важни одлуки за продолжување на пристапниот процес во ЕУ, кои не’ засегаат сите нас, граѓаните и тоа во духот на демократијата, мултикултурализмот, владеењето на правото, почитувањето на фундаменталните и човековите права, итн. – информираат од Секретаријатот за европски прашања. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука