Избор Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Охридскиот едриличарски клуб Aquatica Yachting на регатата „Шарлов куп“ се збратими со два клуба од Смедерево

Смедерево/Охрид, 16. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Викендов на Дунав кај Смедерево се одржа традиционалната едриличарска регата „Шарлов куп“ во организација на едриличарскиот клуб „Металац“ од Смедерево, а она што особено го одбележа годинешниот собир на едриличари беше збратимувањето на два клуба од Смедерево и Охрид.

Повелби за збратимување потпишаа Едриличарскиот клуб „Смедерево“ и Aquatica Yachting од Охрид, како и помеѓу бродарскиот клуб „Металац“ и охридски Aquatica Yachting.

Потписниците се согласија, како што стои во документот, да спроведат збратимување во насока на воспоставување поцврсти врски меѓу нивните спортски организации, со цел да можат да поттикнат подобра соработка меѓу нивните градови, Охрид и Смедерево, во областа на спортот, но и во други области. Ова збратимување има за цел да создаде посеопфатно разбирање меѓу клубовите и да го потврди докажаното пријателство.

Што се однесува до самата регата, во класите 470, Илка 4, Илка 6 и Оптимист, се натпреваруваа повеќе од 30 натпреварувачи од неколку белградски клубови, Земун, Голупац, Смедерево, но и од Охрид, Република Македонија.

Победник на годинешниот „Шарлов куп“ во класа 470 е екипажот на едриличарскиот клуб „Земун“ во состав Душан Трбојевиќ и Ѓорѓе Позниќ, во класата Илка 4 Илина Гаџовска од Охрид, а во класата Илка 6 Софија Ставрева Охрид.

Во класата Оптимист до 12 години за момчиња најдобар беше Коста Трајчески од „Гемакс“ Белград, кој беше победник и во генералниот пласман. (Крај)

извор: podunavlje.info фото: podunavlje.info

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука