Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Екипа на охридскиот Црвен крст дел од вежбата „Хуманитарен одговор 2023“

Скопје/Охрид, 18. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Црвен крст на Република Македонија, денеска во Скопје се одржа вежбата за дејствување во итна ситуација „Хуманитарен одговор 2023“.

Со симулација на прва помош при итна ситуација – земјотрес, Црвениот крст ја одржа вежбата со цел да се претстават капацитетите, можностите и подготвеноста.

– Црвен крст Охрид учествуваше во оваа вежба со тим за спасување на вода и со тим за прва психолошка помош и психо-социјална поддршка. Им честитаме на сите учесници на вежбата „Хуманитарен одговор 2023“ за успешната реализација на вежбата, информираат од Црвен крст Охрид.

Генералниот секретар на Црвен крст на Република Македонија, Саит Саити, посочи дека кризите и катастрофите кои се дел од нашето секојдневие, во регионот и пошироко, наложуваат постојана инвестиција во градење на одржливи капацитети за подготвеност.

– Земјотресите, пожарите, поплавите, епидемиите, миграциите, бегалците, како и другите хуманитарни предизвици ни наложуваат постојано да инвестираме во она што го можеме и го правиме најдобро, со цел да додадеме заеднички придонес во градење на одржливи капацитети за подготвеност, ефективен одговор и опоравување од катастрофи со примарна цел да обезбедиме поддршка за погоденото население при катастрофи или хуманитарни кризи, рече тој.

Претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на настанот истакна дека ова вежба ги покажа сите позитивни страни од партнерството меѓу државните институции и граѓанските организации, како и интерсекторската поврзаност и меѓуинституционалната соработка.

– Токму како настани како денешниот се отвора простор за унапредување на координацијата и на комуникацијата како клучни аспекти во системот на кризниот менаџмент, посочи Пендаровски.

Учесници на вежбата освен Црвениот Крст беа, Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата на Република Македонија, Итна медицинска помош – тријажен центар и укажување на прва помош, Министерство за труд и социјална политика и др. Покрај нив, учесници се и тимови на Национални друштва од регионот (Хрватска, Србија, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Германија), претставници од универзитетите, независни експерти од областа и различни тела од Системот за управување со кризи (СУК), на локално и регионално рамниште. (Крај)

извор: ОхридПрес/ГостиварПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука