Економија Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Отстранети типизираните куќарки на пешачката зона на кеј „Македонија“

Охрид, 18. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Екипи на локалните Јавни претпријатија, денеска ги отстранија типизираните куќарки од пешачката зона на кејот на Охридското Езеро.

Истите беа поставени кон почетокот на јуни оваа година и се користеа како привремени објекти во кои во текот на летната сезона се продаваа прехранбени производи. За нивно нормално функционирање беа обезбедени и соодветни услови за безбедно работење, како довод на електрична енергија и поврзување со водоводната мрежа.

Неодамна беа поставени заштитните столпчиња за одделување на велосипедската патека на овој потег, а наскоро се очекува повторно да биде дозволен моторен сообраќај и паркирање на улицата „Кеј Македонија“. Пред хотелот „Палас“ веќе е поставен пункт за наплата и рампа. Директорот на ЈП „Билјанини извори“ од Охрид Теодор Андоноски во изјава за Супер радио и OhridPress тогаш изјави дека ваквото сообраќајно решение е одобрено од МВР, и дека треба уште да се инсталира системот на рампата.

– Станува збор за потегот од пресекот со улица „Македонски Просветители“ (кружна крстосница плоштад) до пресек на „Кеј Македонија“ со „Ванчо Николески“. На овој потег ќе биде дозволен сообраќај, како и паркирање. Со поставувањето на рампата всушност ќе биде затворен системот за наплата од маркет „Тинекс“, кружното и „Палас“. Сообраќајот ќе се одвива во една насока, од кружната крстосница кон хотелот „Палас“, вели Андоноски.

Инаку ваков сообраќаен режим имаше и претходно, а пред почетокот на летната сезона беше воведена забрана за секаков вид на моторен сообраќај на овој дел од улица „Кеј Македонија“ и истиот беше наменет за движење на пешаци. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука